ИЗЛОЖБА НА СТОЈАНОСКИ ВО ГЕВГЕЛИЈА

Тематската изложба на скулптури “Феникс 3”  од нашиот уметник Марјан Стојаноски е поставена во Гевгелија.

 

delata od Marjan Stojanoski vo  Gevgelija

Според историчарот на уметност Јана Јанеска Ристески, академскиот скулптор Стојаноски е уметник со исклучителен осет за убавото во просторот.

-Уметникот се чита и доживува преку скулптурите во метал, кој му е творечки “легнат” материјал, оти  му е интересен за обликување. Металот е исклучително тежок за креација, но дава широка можност за создавање на скулптури со различни форми, структури и големини. Суровоста и студот, како главни својства, авторот вешто ги прикрива со акцентирање на светлината, топлината и благородност. Успева на металот да му најде судбина во уметноста, да го определи карактерот, да го идентификува вкусот и да ја постави стабилноста на критериумот. Делата не го отргнуваат впечатокот дека креативноста може да се изрази и да се оживее од секој материјал. Видлива е разиграноста во просторот. Отсјајот на металот креира алка на естетско и уметничко. Креациите ги следат светските уметнички трендови на 21 век. Ротирачките скулптури се интересна приказна не често претставена во уметноста. Тоа е главнот предизвик за циклусот “Феникс”. Чуствително изработените форми, говорат за бесконечност во просторот. Подвижноста на скулптурите потсетува дека сé се движи, сé е менливо и сé е минливо.  Моментот е сега и треба и мора да го живееме. Таа пораката се чита од “Феникс”. Авторот предизвикува индивидуални чуства, успевајќи да создаде идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор. Во последната фаза се навлегува во формата како завршна реализација за изгледот на делото на отворен просто. Небаре  лична комуникација со публиката. Замисла е творештвото да се овековечи на отворен простор во монументални димензии со секојдневна комуникација со публиката, предизвикувајќи индивидуално доживување, будење на емоции и размисли – вели Јана Јанеска Ристески.

 

Loading