ОВА ОТИДЕ ПОД МРАЗ, ДАЈТЕ ДРУГО

Еден поп го јавнал магарето и тргнал во соседното село да посврши некаква ,,душо – грижничка.. работа. Патот го водел покрај некоја селска рекичка. Бидејќи било зимно време, одвај ги задржувал вилиците да не му се тресат. Не сакал да слезе и да пооди малку пеш а да се позатопли. На сред пат, наишол на две жени со дете в раце.

-Со здравје, дедо попе!

-Здравје да имате и вие со здравје. Каде вака двете по ова време? Па и детето сте го понесле. Ќе го измрзните – рекол попот.

-Тргнавме кај тебе да го крстиме детево. Што ќе правиме сега кога не си дома? Туку, не ќе можеш ли да го закрстиш овде некако- рекла едната

Попот го запрел магарето, се позамисли и им рекол.

-Оти пак да не можам? И в црква ќе го крстам, и овде! Не е тешко да се крсти дете. Чудни ми чуда – и слегол од магарето и го зел в раце детето. Слегол до рекичката замрзната. Удрил по мразот со топукот од тешките чизми и го скршил. За миг го соблекол детето и почнал да го мачка во ладната вода, зборувајќи: ,,крешчајтсја раб божи…,,. Таман сакал да ја праша нинката што име ќе му даде, детето му се слизнало од раце, паднало во водата и отишло под мразот надолу.

На тоа попот мирно им рекол на жените.

-Ова отиде под мраз, бргу дајте друго, оти ми студи, па ќе си одам.

Жените виделе што направил попот. Спискале и тргнале надолу белким ќе можат да го извадат детето. А попот ко видел дека не носат друго да крсти, го јавнал магарето и го продолжил патот.

Loading