БАДИЈАЛА

Една стара македонска поговорка вели ,,1Бадијала работи, бадијала не седи,,. Сега сé поретко се среќаваат луѓе кои работат за бадијала, а бадијалџии на секој чекор. Но, секој човек некогаш помислил, прошепотил или извикал дека за бадијала…

Ако ја искоментираш цветната леа во бабиниот двор, лесно ќе ја намамиш бабичката да се пожали како за бадијала ги полева цвеќињата, а никако да потпркнат. Откако мајката убаво ќе го искапи своето дете, тоа во следната игра ќе одбере да прави кули од песок и… за бадијала бањањето. Може да се случи, уште рано наутро да се упатиш кон клучарската работилница, но на вратата да те пречека лист хартија на кој пишува ,,Годишен одмор,,, па за бадијала си одел. А, откако ќе го добиеш новиот клуч, и ќе го загубиш ден потоа и… за бадијала го направи. Некои дедовци уживаат да раскажуваат приказни, но ако наидат на лоши слушатели, може тивко да промрморат дека за бадијала зборуваат. Жална е вистината за тоа колку наставници и професори може да помислат дека за бадијала предаваат и за бадијала зборуваат. Со ист аршин и учениците ќе речат дека за бадијала слушаат. Среќа што во минатото не бил таков случајот, оти тие професори предавале за без пари, ама не за бадијала.

Ретко кога правиме нешто за бадијала. Ако се потрудиме доволно добро, можеме да пронајдеме суштина во сé и на суштината да í најдеме намена. Ништо не е случајно, само случајноста знае да си поигра со нашата перспектива.

Бадијала е турцизам кој потекнува од турскиот збор бедава, што во буквален превод значи бесплатно. Во македонскиот јазик се употребува со повеќе значења и тоа бесплатно, многу евтино, залудно, попусто, напразно, без корист, за џабе и тоа во улога на прилог.

Нина Насеска

Loading