ВРАЌАЊЕ ВО РОДНИОТ ПРИЛЕП ПОДОЛГИ 18 ГОДИНИ

Goran KuzmanoskiРакомет: Горан Кузманоски – Таста е нов тренер

Февруари 1993 година. Во салата во Велес се игра финале од Државното пионерско првенство во ракомет. За екипата на Тутунскиот комбинат по левата крилна позиција е поставено најмалото дете, 10-годишниот Горан Кузманоски. Прилепската екипа станува шампион. Голема радост за пионерите, затренерите, меѓу кои легендата Петар Кузманоски – Таста, таткото на Горан. Само шест години подоцна, на 16 години, ,,детето,, станува првотимец на Т. Комбинат, а по освоеното 4 место на Европското младинско во Полска каде е втор стрелец, од 2002 година тргнува на печалба низ Европа.

-За сé што постигнав заслугата е на моето семејство, на покојните родители, мајка ми и татко ми, на кои сум им бескрајно благодарен за поддршката. Млад заминав во странство. Прво играв за Модена во Италија, потоа уште во Шпанија, Португалија, Исланд, Шведска и Романија, каде со Одорхеи го освоив пехарот од европскиот Челенџ куп. Во Македонија, освен за Тутунски, настапував за Вардар, Металург, Тинекс и Еурофарм, од каде доаѓам во Прилеп. На средба со клупскиот претседател Александар Мариновски, прифатив да ја почнам тренерската кариера токму оттука, од каде потекнувам. Со мене е Адријано Котевски. Нема да е лесно во борбата за суперлигашки опстанок, но верувам дека ќе успееме – вели Кузманоски.

Клубот ги задржа досегашните млади првотимци, а доведува нови, искусни и докажани. Потпишаа двајца Грузијци: голманот Зураб Цинцадзе (23) и десното крило Реваз Чантурија (38), а се настојува за уште двајца. Подготовките за наредната сезона треба да стартуваат во втората половина на јули.

Loading