УБАВИНАТА НА ПРИРОДАТА СЕ ДОБЛИЖУВА СО ПЕЈЗАЖИТЕ

Metodi IskovМетоди Исков, уметник

,,Настанатата ситуација со вирусот од светски размер, иако е тешка за уметниците, претставува некаков нов почеток, односно навраќање на почетоците на создавањето, преиспитување на самите себе си. Барем јас така се чувствувам,,.

Ова го вели нашиот уметник Методи Исков. Според него, додека галериите се празни, без нови изложби, интернетот со социјалните мрежи станаа глобална галерија да се видат безброј уметнички дела.

– Можеби е тоа што требаше да се случи сите да ја видат уметноста. Сепак, недостасува чувството да се доживее духот на уметнички дела во галеријата каде не само што ќе ја видиме, туку и ќе ја почувствуваме уметноста. Ова е период на страв, исчекување, неизвесност од пандемијата и пад на духот. Секој се бори на свој начин,  пробува да го надмине преку уметноста, доколку може да го збогати. Затоа се навраќам на основите. Резимирам што имам создадено, каде и како сум се движел во полето на уметноста – вели тој.

Како навраќање и како резултат во овој период почнал експериментирање во сликарството, иако повеќе  е  наклонет кон скулптурата и мозаикот.

– Експериментирањето во сликарството, односно, текстурата која што се создава на платното од боја и други материјали ми дава можност да откривам нови текстури и структури, при што ќе можам да ги вклучам и во скулптурата. Сликањето ми е особено драгоцено, започнувајќи од муралите со мотиви на нашиот прекрасен град, старата чаршија и негови знаменитости кои ме водат до интересни резултати во сликањето. Особено во овој период  повеќе сликам пејзажи преку кои се доближувам до убавината на природата на мој, автентичен, стил. Интересна за обработака ми е перспективата, поставувањето на објектите, односно компалтноста на целата композиција. Пробувам различни начини и стилови да пронајдам својот ракопис преку кој ќе можам да се изразам себе си – вели Исков.

Тој се надева дека тежнее во насока на подлабоко навлегување.

– Со тоа извлекувам некои нови сликарски решенија кои понатаму би ја промениле насоката на моето гледиште во сликарството, а воедно и во уметноста – објаснува младиот уметник Исков, чии дела досега биле изложени на повеќе изложби.

tvorestvo Metodi

Исков е потпишан на муралот насликан во библиотеката ,,Борка Талески,,.

Loading