ОФИЦЕРОТ ГО СНЕМА НА ПОЛУВРЕМЕ

Историја

Месеците април и мај секогаш се највозбудливите во фудбалските првенства, но така не беше во 1980 година. Тогаш, вниманието на целата држава (Југославија) беше кон Љубљана, каде болен долго лежеше претседателот Јосип Броз – Тито. Пушти телевизор – соопштение од лекарскиот конзилиум, пушти радио – истото.

Неделата на 4 мај се играше редовното 23 коло од Втората југословенска лига – Исток. Екипата на Победа во борбата за опстанок гостуваше во Никшиќ на директниот конкурент, Сутјеска. Прилепчаните ги предводеше првиот клупски човек, Благоја Миноски – Мината.

-Бевме пречекани срдечно. Нивниот претседател, некој офицер, воено лице во цивилна облека, ме повика во ложата за гости. Пиевме кафе, сок и разговаравме како најдобри пријатели. Така помина првото полувреме. Но, штом почна одморот, некој непознат, очигледно вознемирен и исплашен, дојде и му пријде на офицерот. Го викна надвор. Офицерот рече дека одма ќе се врати, но… Помина целиот меч, ни трага ни глас од него.

Натпреварот завршува со 1-0 за Сутјеска. Екипата на Победа ги пакува куферите за враќање назад. Домаќинот ги испраќа гостите како што треба, и автобусот на Пелагонија турист тргнува кон Прилеп. При патувањето, на играчите не им се зборува, а се слуша само радиото во автобусот.

-Цело време одеа некои опери, класична музика. Којзнае колку радиостаници сменивме, и секаде исто. Сакавме да ги разбереме останатите резултати од Втората и Првата лига. Едно време, престана музиката, и спикер, без поздрав, одма извести дека Тито умрел. Дури тогаш јасно стана зошто го снема офицерот – се сеќаваше Миноски.

На останатите седум натпревари фудбалерите од сите екипи истрчуваа со 50 метри долг транспарент, на кој пишуваше ,,И по Тито – Тито,,.

Loading