КОЛКУ СЕКОЈ ФУДБАЛЕР ВЕЖБАЛ, ЌЕ КАЖАТ ТЕСТОВИТЕ

Фудбал: Во Победа се чека денот за прекин на вонредната состојба  

Fudbal

Ако продолжи првенството, нужни се минимум три недели подготовки

Речиси два месеца нема фудбал, нема колективни активности и во второлигашот Победа. Сé се одвива според препораките на медицината. Фудбалерите имаат само индивидуални тренинзи. За да тече сé од стручен аспект, еден од најангажираните во клубот е членот на Стручниот штаб, тренерот Сребре Стефаноски.

-Првин беше дозволено во групи од по петмина, потоа само по двајца. Задолжително се носеше заштитна опрема, потоа настанаа измени и на отворено може и без неа. Претпладне се психофизичките вежби, попладне истрчувањето. Вежбите беа различни оти ги опфативме сите членови на клубот – од најмалите во Школата, до сениорите. Здравствената состојба на сите е добра и се ставија на располагање во овој период – информира Стефаноски.

Клубот со нетрпение го чека завршетокот на вонредната состојба и враќање во нормален тек. Првин е планирано тестирање на секој фудбалер да се види подготвеноста, олку секој вежбал, колку бил одговорен кон себе си и кон клубот. Потоа ќе се продолжи со колективните тренинзи. Нема да е лесно, со оглед на долгата пауза.

-Не сме во можност конкретно да планираме. Чекаме одлука од Федерацијата дали ќе се заврши прекинатото првенство или ќе почне ново. Доколку се продолжи недовршеното, ќе мора да имаме минимум три недели колку-толку да ја подготвиме екипата. Ако се случи втората варијанта, тогаш извесно време ќе тренираме, па ќе им дадеме одмор, а потоа ќе извршиме нови подготовки во пресрет на новото првенство – вели Стефаноски.

Во клубот уште веруваат дека разврската на недовршеното првенство, од кое се одиграа само две пролетни кола, ќе се реќи да нема отпаѓање, што би значело дека Победа би учествувала и наесен во Втората лига. Тоа е многу значајно за клубот, кој си постави приоритет – опстанок. Одлуката се очекува наскоро, со навестувањето за прекин на вонредната состојба поради коронавирусот.

Кој тренира на вештачката трева?

Додека корона има – фудбал нема и игралиштата се пусти. Се слуша дека на теренот со вештачка трева, кај некогашната Зоолошка градина, имало група младинци кои играле фудбал. Дали се од некој клуб или обични рекреативци, не се знае. Од Победа сигурно не се.

-Клубот не организира колективни тренинзи. Така е од 13 март досега – рече тренерот Сребре Стефаноски.

Нема временска рамка за доигрување

Со последното соопштение ФФМ ја продолжува неизвесноста околу датумот за продолжување на сезоната. Во него пишува:

-Соочени со пандемијата и здравствената криза која предизвика вонредна состојба во државава, како водечко фудбалско тело напоменуваме дека за ФФМ е на прво место здравјето на фудбалерите и фудбалските работници. Тоа е единствениот услов во подготовки и за враќање на екипите на тренинзи. Нашата ,,куќа на фудбалот,, сите препораки и мерки ги усогласува со координативниот кризен штаб за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, со цел да се осигура дека тренинзите и натпреварите ќе се одржуваат со најмал ризик. Одлуката за почеток на одигрување на натпреварите ќе биде донесена во согласност со препораките од надлежните државни тела… До овој момент, на барање на ФФМ, Министерството за здравство информира дека, имајќи ја предвид епидемиолошката состојба, тие не се во можност да дадат временска рамка за доигрување на сезоната…

Loading