КОВИД 19 НЕ БИРА НИТУ ПОЛ, НИТУ ФУНКЦИЈА

Кети Смилеска, пратеничката која го победи Корона вирусот

Keti 1

Како бомба, на 14 април одекна веста дека меѓу функционерите во државата, регистриран е и втор случај на заразен со коронавирус. Пратеничката од СДСМ, Кети Смилеска од Прилеп е позитивна. По градоначалникот на Чешиново – Облешево, таа беше втора јавна личност заболена од непознатиот вирус. Тогаш во земјава имаше над 900 потврдени случаи на Ковид 19. По речиси еден месец, откако здравствената состојба се стабилизира, Смилеска, за Зенит, открива деталите за заболувањето и дали меѓу потенцијалните заразени се наоѓале колеги, министри или директори.

Предизвика своевиден интерес во јавноста заразувањето со коронавирусот?

– Веста дека сум прв заразен пратеник или втор функционер која се обелодени беше заради тоа што јас сакав да помогнам, да излезам во пресрет  на сите граѓани да бидат внимателни и ги преземат потребните мерки доколку имале одреден контакт со мене. Сé што беше пласирано во медимуите, беше коректно пренесено, до одреден момент. Тоа го направив како одговорен граѓанин пред сé, а не како политичар. Немаше никаква политичка конотација. Дали тоа, некој го сфати како моја политичка промоција, е негово право. Мотивот ми беше, како граѓанин и како заразен човек, да ги пренесам искуствата за да можат да ги искористат граѓаните и да ги спречат контактите како потенцијални заразени.

Уште во првата изјава нагласивте дека 30 дена сте биле дома, но ете сепак Ве ,,најде,, вирусот Ковид 19?

– Ова докажува дека вирусот е непредвидлив. Повторувам по којзнае кој пат, 30 дена не го напуштив домот, со еден исклучок кога бев во банка. Влегов од спореден влез, со заштита и добив за потпис, дури и неупотребено пенкало од фолија! Се задржав кратко, со што ја исклучувам можноста дека и од таму сум се заразила.

Keti 3

Покажа ли тоа дека вирусот не бира ниту пол, ниту возраст, ниту функција?

– Мотивирана бев и водена од тоа дека вирусот нема да го заобиколи никого. Затоа ги почитував сите мерки од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Ми се случи да бидам заразена, покрај почитувањето на мерките. Поради тоа што сум функционер, вирусот не ме прескокна. Тој не препознава ниту вера, ниту нација… Тука сме сите еднакви, а еднакви треба да бидеме и во борбата против пандемијата.

Кои личности, особено политичари, ги посочи во епидемиолошката анкета како лица кои можеби сте ги заразиле со Ковид 19? Дали во листата имаше колеги, политичари, градоначалници, министри, директори?

– Никого не посочив. Мислам дека и никој не се обрати до Центарот за јавно здравје да биде тестиран, бидејќи имал контакт со мене, што може и да се провери. Со никого немав контактирано еден месец. Родителите ги немав видено помалку од месец, бидејќи тие две недели претходно беа во изолација поради контакт со друг заразен со коронавирусот. Не беа тестирани, бидејќи немаа симптоми. Семејството го тестираа. Живеам во стан во семјество од пет члена. Свекрвата беше позитивна и сопругот, а децата се негативни.

Keti 5

Како мина лекувањето? Со оглед на тоа дека од прилепската болница Ве препратија на Инфективната клиника во Скопје.

– На почетокот, мислев дека е обичен грип и дека лесно ќе го пребродам. По седмиот ден, се појавија компликациите, висока температура со болки во мускулите. Осмиот ден почувствував тегоби го градниот предел и веднаш по тестирањето, в болница ме ставија во одделот за изолација. Ги презедоа сите мерки и добив соодветна терапија за пневмонијата. Заради одредени параметри кои се покажаа со анализите во крвта, лекарите беа мошне внимателни. На Инфективната клиника продолжи лекувањето. По подобрената контролна рентген снимка на белите дробови и двата последователни негативни теста, заминав на домашно лекување. Во Прилеп бев на 4 дена на болница и уште 13 дена во Скопје.

Како минуваа болничките денови. Какви беа реакциите на социјалните мрежи? Имаше ли поинакви, нехумани коментари?

– Кога човек е болен, единствено размислува и сака следниот ден да му биде подобро. Верував во ангажманот на лекарите и целиот медицински персонал зашто им сум благодарна. Времето го пополнував во разговор со семејството, со пријателите, со партиските членови, со колеги од опозицијата. Не ги следев негативните коментари. Имало и такви од поединци. Секој има свое размислување. Злоупотребата на името на мојот сопруг во одредени медиуми, дека е директор во болницата, што сега ми е смешно, ме вознемири за што морав и соодветно да реагирам и демантирам.

Keti 6

Лекувањето заврши добро. Каква беше клиничката слика кај останатите заразени членови од семејството, кај сопругот и свекрвата?

– Со оглед на тоа што бев во болница, не можев точно да видам каква е нивната состојба. Свекрвата имала благи симтоми и минала со терапија во домашни услови, а сопругот воопшто немаше симптоми.

Стравот за себе, за семејството? Како се издржува?

– Позитивниот резултат, за момент ме шокираше. Се созедов и морав да се носам со сето тоа. Од најблиските побарав да ми бидат најголеми поддржуважи и да бидат похрабри од мене. Да го очекуваат моето враќање дома. Им ветив дека ќе се вратам здрава. И така и беше.

Кога ќе заврши дополнителната 14 дневна изолација? Седењето дома не е тешко?

– Уште една недела останува од изолацијата. Со оглед на тоа дека во ова динамично време долго не сме биле заедно, добра е ова ситуација да се дружиме. Имам момент кога некој сака да излезе, особено децата, но со оглед дека и другарите имаат ограничено движене, лесно се минуваат мерките. Од сопругот го чекаме вториот негативен резултат, бидејќи подоцна беше тестиран. Деновиве и свекрвата треба да го добие резултатот од вториот контролен брис. Им благодарам на роднините и пријателите кои помагаат околу набавката на намирниците.

– Дали сте на боледување и дали ќе ја прифатите минималната плата?

Не користам боледување, бидејќи не функционира собранието. Во знак на солидарност и хуманост, за април ќе примам минимална плата од 14.500 денари. Останатиот дел ќе го уплатам на сметката на Фондот за борба против КОВИД-19.

– Ве нема во кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2020? Го дадовте ли максимумот во Вашиот пратенички мандат во интерес на граѓаните?

Функцијата е менлива, минлива. Треба да останеме корисни. Не е важно дали со пратеничка или со друга општествено одговорна функција. Составот на пратеничките листи, не само за ИЕ 4, туку и за сите шест изборни единци, ги прифатив лично и одобрив и како член на Централниот одбор на СДСМ. На листите има кандидати и од малите населени места. Секој има право да има свој претставаник во законодавниот дом. Неважно е дали станува збор за поголема или помала општина. И гласот од Неготино и Радовиш подеднакво вреди како и гласот од големите градови.

Keti 4Ковид 19 го смени ли погледот на живот, дали не е исто пред, и после короната?

– Отсекогаш мислев дека како генерација имаме многу шанси и големи очекувања од општеството и од природата. Не знам зошто, како по некаква интуиција мислев дека сето тоа, некој, нешто тоа треба да го стопира, да го спречи. Да стави некаков ред во тоа безредие. За жал, не сакав ова да биде тоа што ќе ги промени луѓето генерално, нивните размислувања и однесувања. Но, ете ни се случи. Лично, ме промени во ставот кон сопственото здравје. Не го цениме доволно додека не ни се загрози. Во односот кон луѓето и општеството, сум била коректна и досега. Таква ќе бидам и во иднина.

Пандемијата ќе предизвика и политичка и економска криза. Ќе биде ли тешко, густо?

-Никој нема да рече дека ќе биде исто. Ќе биде тешко, ама сме се снаоѓале и во други тешки моменти. Стопанствениците, трговците, занаетчиите смогнувале секогаш сили и се соочувале со голем број проблеми. Знам дека и сега ќе í излезат во пресрет на државата и дека ќе се соочат и ќе најдат решение на овој проблем. Тие неколку месеци кои беа најкритични смирено ги издржаа. Понатаму сé ќе оди во подобрување на состојбата, но не драстично, дека наеднаш сé ќе се среди. Стопанствениците се свесни за тоа. Состојбата нема брзо да се врати во нормала. Не треба да очекуваат заработувачка во енормни големини. Тоа го прифаќаат и верувам дека ќе влеземе во нормала. Со мерките државата дава можност стопанството и граѓаните да застанат на стабилни нозе и тие да го наполнат буџетот и да í помогнат на државата, а таа повторно ќе ги врати парите кај граѓаните. Тоа е кругот. Сé друго околу заеми, позајмици, меѓународен пазар е друг дел и не зависи од граѓаните. 

Има уште граѓани кои не веруваат во пандемијата, иако од почетокот на заразата имаме, за жал досега 10 починати прилепчани. Мерките ќе се олабават, но маските и одговорното однесување треба  да ни станат секојдневие?

– Бројките предизвикуваат сожалување, емоции и сочувство кон семејствата на починатите од коронавирусот. Како личност која се борев и се изборив со оваа болест, повторувам дека болеста не бира и може секого да го зафати. Треба да се почитуваат мерките и да им верува на надлежните здравствени работници, за да не минат низ пеколот кој го носи болеста и нејзиниот непредвидлив тек.

НАЈБРЗО ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ ИЗБОРИ

Се очекува Уставниот суд да ја поништи одлуката за самораспуштање на последниот пратенички состав? Се шпекулира дека ќе има парламентарни избори в година, на пролет заедно со локалните?

Што се однесува до инцијативата до Уставниот суд не можам да ја коментирам и бев затекната. Тврдам дека иницијативата не е од пратениците со кои контактирам, бидејќи не побарале од мене потис за поддршка. Мој став е дека Владата, во вакви услови, добро функционираше со носењето на уредбите и враќањето на парламентот само би го одолговлекувало решавањето на проблемите и економската состојба. Не би требало да се врати во функција овој состав на парламентот. Најбрзо колку што може треба да се организираат избори.

Keti 2

ПИЖАМИ ЗА КЕТИ

Покрај желби за брзо оздравување, Ви пристигнаа и подароци во болница. Пижами за Кети.

– Пижами добив од пратеничката од Валандово, преку службите од клиниката и бев пријатно изненадена. Фотографијата ја споделив на ФБ. Пижамите ми се многу драги. Кога си во изолација, сé ти значи, посебно и донацијата од еден маркет. Убаво е чувството кога знаете дека некој помислил на вас, без оглед на вредноста на подарокот и содржината на донацијата.

Loading