МУ ГИ УКРАЛ БЕЧВИТЕ НА АРАМИЈАТА

Прочуен арамија слушнал за итроштините на Пејо од Мариово и решил да го испроба во арамискиот занает. Го нашол в чаршија во Прилеп и му предложил да го научи да краде.

– Добро – му одговорил Пејо, мислејќи дека не е лошо човек да знае нешто повеќе.

Тргнал Пејо со арамијата. Поткраднале што поткраднале ситни работи по чаршијата, отишле и в село. И таму украле по некое јагне, јаре, кокошка, јајца… Арамијата видел дека го бидува и сакал да го подложи на најзрел испит, па му рекол:

– Ти го испече донекаде мојот занает. Треба уште да те испробам. Ако излезеш како што треба, ќе ти дадам диплома од занаетот. На врбана има страчкино седело. Во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај сега како ќе í ги украдам јајцата, а да не сети страчката и да летне – рекол арамијата.

Се качил на дрвото, го продупил седелото одоздола и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне.

За тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата бил занесен во кражбата, му ги одврзал бечвите и полека-полека му ги збутнал, та слегол и ги скрил во трњето крај врбите. Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол:

– Дај ми ги бечвите и оди со здравје. Го положи и испитот одлично – рекол арамијата

Така Пејо научил уште еден занает, но никогаш не го користел, оти не бил арамија по душа.

Loading