ЧЕКААТ СО НЕТРПЕНИЕ ДА СЕ ОТВОРИ САЛАТА

Одбојка: Членките на ЖОК 11 Октомври вежбаат дома

Тројца тренери обучуваат 12 одбојкарки

11 Oktomvri

Пред кризата со коронавирусот, понекоја случајност присуствувавме на последниот тренинг од Женскиот одбојкарски клуб 11 Октомври. Тренерот Глигурче Локвенец беше рано дојден на катот над салата ДГС Партизан за да подготви сé што треба. Кога се симна долу, во салата веќе го чекаа одбојкарките. Толку во нив беше видлива желбата за одбојка, како самите да сакаа предвреме да почнат со тренингот. Ги извежбаа сите техники за тој ден и на заминување панда договор кога да биде следниот. Но… Се прогласи вонредна состојба и планот пропадна.

– Тоа е, не одиме сега в сала, а повеќе седиме дома. Салата е веќе два месеца затворена. Додека нема дозвола од институциите, нема да влеземе таму. Сами не можеме ништо. Моја идеја е барем со две-три девојчиња да тренирам, но засега знам дека препораките не ни одат во прилог. Додека е паузава, одбојкарките имаат мои задачи, како стомачни вежби и слично. Тоа не е доволно, но таква е ситуацијата. Не знаеме до кога ќе биде така. Некои прогнозираат дури до септември да трае вирусот, од опасен поопасен да биде, но сите се надеваме дека ќе заврши многу поскоро – вели Локвенец.

Со нетрпение се чека да продолжат таму каде што застанаа. Вкупно се 12 одбојкарки на возраст до 15-16 години. Амбициите се високи оти и можностите се големи. Желба е да се оформи прволигашка екипа. На Локвенец му помагаат двајца помлади, но искусни и докажани стручњаци. Првиот е Давид Сотироски, тренер со светски сертификат, кој беше во Суботица, Србија. Вториот е Дејан Стерјоски, профессор кој специјализирал за кондициски тренер во Германија. Двајцата се во градов и штом ќе продолжИ работата, ќе се приклучат кон поддршка на клубот.

– Можеме да ги постигнеме целите. А целта наша не е само да обучуваме одбојкарки во Кадетска и Младинска лига, туку да ги оформуваме девојчињата во комплетни личности, какви бара современото општество. Сите од претходните генерации се одлични студентки, на Медицински, Фармацевтски, Електромашински факултет. Прекрасна е и ова генерација. Но, само да ја добиеме таа финансиска поддршка што долго ја очекуваме. Колку да ги обезбедеме минималните услови, не бараме многу – подвлекува Локвенец.

Клубот години наназад го организира турнирот,,11Октомври,,.

Секојвтор ден на планина

Тренерот Локвенец е во пензионерски години, но далеку е од помислата за мирување или оддалечување од спортот. Тоа се гледа и по физичките активности.

– Одам на кај Марковите Кули, на кај Зеленик, некогаш до пред манастирот Света Богородица. Не ми е тешко, туку задоволство ми претставува. И пред кризава истото го правев. Сам одам и таму многу ретко среќавам некого. Секој втор ден сум на таа релација оти мора кондиција да се одржува некако. Седум ипол – осум часот наутро, тргнувам. Потоа два часа се мои, за разгибување, трчање… – открива Локвенец.

Loading