НАУТРО СЕ СОБРАА 20 ИЛЈАДИ ГЛЕДАЧИ

Историја

Фудбалот е полн со феномени што тешко можат да се објаснат. Еден од нив се случи на 15 септември 1974 година на Градскиот стадион во Скопје, на чиј терен се одиграа два меча. Дуелот од Првата југословенска лига, Вардар – Раднички Крагујевац, имаше предност за избор на терминот што може да привлече повеќе публика – попладневниот од 16 часот. За мечот од Втората југословенска лига – Исток, Работнички – Победа, преостана најнепосакуваниот термин, претпладневниот од 10 часот. Но, што се случи? Прволигашите привлекоа само неколку илјади, а второлигашите рекордни 20 илјади гледачи! Во државава, а сигурно и многу пошироко, не се памети таква огромна посета во претпладневни часови.

Зошто се преполни стадионот? Не играше Вардар, не гостуваше ни Црвена звезда, Хајдук, Динамо или Партизан. Гостуваше Победа. Во најавата за мечот се зборуваше за вжештена атмосфера кај домашните навивачи, по одличните резултати: сите четири победи во првенството – дома со Напредак, на гости со Трепча, Раднички Пирот и Чукарички, а во Купот совладан прволигашот Челик. Со две победи дома, против Слога Краљево и Трепча, а два пораза на гости од Сутјеска и Куманово, Победа имаше скромен старт, но се уште беше големо име. Затоа домаќинот, како никогаш претходно, пушти во продажба 15 илјади билети. И сите се распродадоа, немаше место за седење, па 5000 гледачи мораа цело време да стојат.

Резултатот беше спроти очекувањата, 6-2 за Работнички.

Loading