ТРЧАЊЕ ДО ШАТОРОВ КАМЕН

Фудбал: Активности во Победа и покрај кризата 

-Екипен спорт тешко се одржува само со самостојна работа

Fudbal

Кога сакаме најбрзо, времето баш во кризава со коронавирусот се чини дека поминува најбавно. Изминаа 42 дена од последниот тренинг на второлигашот Победа. Беше петок, последниот ден пред саботниот меч со Тиквеш. Екипата ја слушна веста за прекин на првенството и престанаа сите активности.

-Сé е застанато. Немаме никакви активности како претходно. Гледаме на играчите гледаме да им задаваме задачи за секоја недела. Бараме од нив, колку што можат, индивидуално да сработат нешто за да не бидат во тотален застој. Меѓутоа, едно е колективна, тимска работа, а друго е индивидуална. Разликата е огромна. Сега може само на физички план да се сработи, на координација и ништо повеќе – смета Дарко Крстески, тренерот.

Секој играч вежба сам дома разновидни вежби, прилагодени за домашниот простор: стомачни, грбни, кревање тегови… Понекогаш излегуваат и надвор. За трчање најчесто го минуваат патот до Шаторов Камен и назад. Некои трчаат и околу теренот. Но, секогаш самостојно, според препораките на институциите. Клубот верува во совеста на фудбалерите дека ја сфаќаат сопствената одговорност за да го сработат зададеното. Станува збор за претежно млади и надежни играчи, на кои токму сега им е потребно да бидат одговорни и сериозни. Пред нив е кариерата и ако сега се изгуби чекорот, тешко ќе се надомести.

 -Екипен спорт е фудбалот. Тешко се одржува само со самостојна работа. Тешко е кога се остава играч сам, без контрола. Нема друго решение, оти сите сме, на некој начин, во карантин. Премногу време е загубено. Јасно е дека екипата ќе биде неподготвена, без оглед на тоа кога ќе заврши кризата. За да се вратиме на нивото од пред месец ипол, потребни се месец ипол макотрпна работа. Но, да почекаме. Се надевам, Господ здравје. за недела – две конечно да се стабилизира ситуацијата – вели Крстески.

Претходната недела имало раздвиженост во просториите. Членови од Управата, Стручниот штаб, како и фудбалерите, еден по еден потпишувале документи со кои им се овозможува исплата од клубот, кој за таа намена ќе добиел помош од Владата.

И колегите со истата болка

Крстески е секојдневно во комуникација со колегите – тренери од второлигашките екипи. Нема друга поважна тема од кризата и прашањето: Што натаму?

-Секаде е болката иста. Сите се ограничени, не можеме ни по двајца или тројца играчи да собереме во група. Ризично е. Секој од тренерите знае дека сé е ,,фрлено во вода,, и ќе бидат неопходни базични подготовки. А време ќе има малку. Прво за да се заврши оваа сезона, а потоа да се почне наредната, обично во август. Што се однесува до Лигата, и многу поголеми фудбалски држави имаат проблем со незавршени првенства. Да видиме што ќе одлучат ФИФА, УЕФА, ФФМ… Без оглед на одлуката, секој клуб може да се смета оштетен, дека можел нешто повеќе да направи – е мислењето на Крстески.

Цел свет гледа белоруски фудбал!

Кој би верувал оти може ова да се случи цел свет гледа ТВ-преноси од првенството на Белорусија! До пред месец ипол беа интересни само Англија, Шпанија, Германија, Италија, Франција и уште неколку земји. Сега Реал е заменет со Бате Борисов, Барцелона со Динамо Минск. Првенството почна на 19 март и досега одиграни се 5 кола. На 18 март, пред Велигден, беа одиграни последните мечеви од 5 коло. Дека не ќе има и натаму застој, е најавата за 6 коло, закажано за денеска, утре и в недела. Што луѓе се Белорусите? Цел свет се плаши, а тие играат, се радуваат и се прегрнуваат при секој гол. Некогаш нема ни публика на трибините. Се игра на некое помошно игралиште. Коментаторите во ТВ-преносите викаат возбудено како да се игра Светско првенство, а фудбалските љубители гледаат оти нема што друго да гледаат.

Само фудбалот тоа го може. И нашава Прва лига да се играше, сите ќе ја гледаа.

Loading