ВОЈНИК ПРЕД ТРИБИНА

Историја

На 18 октомври 1987 година се случи голема ,,преселба,, на прилепчаните кон Скопје. Се играше мечот од Втората југословенска фудбалска лига – Исток меѓу Металург и Победа. Еуфоријата беше голема затоа што претходно прилепскиот тим врза три победи, дома со Мајданпек и на гости со Титоград (со по 1-0), дома со фаворитот ОФК Београд (2-1). Некои отпатуваа со воз, други со автобуси, трети со автомобили, а многу студенти во главниот град не пропуштија да го бодрат омилениот тим. Пред стадионот кај Железарницата се создаде невиден метеж. Единствената трибина беше преполна. Во прво време сите молчеа, не знаејќи колку се домашни, колку гостински навивачи. Сé додека не се појави еден војник. Развеселен, со капата в раце и раскопчани јакна и кошула, застана насред трибината, свртен кон публиката.

-Народе, да ве слушнам, трииии… четирииии: Победаааа!

-Победа! – возвратија најхрабрите.

-Ај уште еднаш: Победааа!

-Победааа! – се придружи половина од трибината.

-И третпат, најсилно: Победааа!

-Победаааа! – срипа безмалку целата трибина.

Се виде дека Победа ќе игра како дома, бидејќи 90 насто од трите илјади гледачи беа прилепчани. Навивањето им даде ,,крилја,, на гостите кои победија со 1-0, со голот на Спасе Најдоски.

Loading