ЖЕЛБА: КАРАНТИН – ПОДГОТОВКИ В ПЛАНИНА

Борење: Во БК 7 Мај – Леов му пркосат на коронавирусот

– Секој борач им праќа снимки на тренерите, како доказ дека вежбал

Borenje

Актуелна е вонредната состојба поради коронавирусот, но таа не значи апсолутен застој, како што на прв поглед се помислува. Спортот, на пример, иако го нема на терените и во салите, го има во домовите. ,,Невидливи,, активности имаат и борачите на БК 7 Мај – Леов.

-Последниот колективен тренинг ни беше пред првите мерки. Немаше вонредна состојба. Оттогаш не сме биле воопшто в сала, а додека е вака немаме ниту намера. Сме во размислување да се состанеме со родителите од неколкуте потенцијални репрезентативци, како Барбара Стојкоска, Стефан Стојаноски, Викторија Стојаноска, Оливера Мицеска, Михаела Тодороска, Христина Велеска, евентуално, ако се најде некаква можност, да ги одведеме во карантин в планина, каде веќе имаме обезбедено објект за сместување. Бараме согласност од родителите, бидејќи сепак, постои ризик. Сакаме таму да почнат да тренираат кардиоваскуларни вежби, за поправање на крвната слика и општата кондиција. Оти како репрезнтативци ги очекуваат силни натпревари. Затоа пожелно е, колку-толку, активно да ја минат и оваа криза. Бидејќи еден спортист ако почнува од ,,нула,, многу потешко може да се врати во форма. Ако е тотално неподготвен, можни се несакани последици по мускулатурата. Но, да почекаме прво да се затопли времево, па ќе видиме што натаму – вели Сашо Игнатовски, тренерот.

Во меѓувреме не се седи со ,,скрстени раце,,. Околу 40 борачи, како и во другите спортови, работат индивидуално, во домашни услови. Тренерите им задаваат задачи, тие ги извршуваат дома. Тоа се разни активности прилагодени на просторот во домот како стомачни вежби, клекнувања, склекови, свеќа.

-Задачите за сите се исти за да се одржи општата физичка подготвеност, колку е можно во вакви услови. Имаме група на Месинџер и преку неа секој член е задолжен да пушта видео од сработеното. Мора да ја користиме технологијата за да сме сигурни во извршувањето на задачите – открива Игнатовски.

Досега се пропуштени турнирите ,,Кроација опен,,, во Загреб, Хрватска, ,,Винко Петров,, во Стара Загора, Бугарија, Медитеранското кадетско во Лутраки, Грција. Сгурно истото ќе биде и со планираното во блиска иднина, турнирот во Братислава, Словачка и Балканското во Лутраки, Грција. Постои надеж дека барем до средината на мај ќе заврши кризата, за да има можност во август да се одржи турнирот ,,Љупчо Црвенкоски – Црвенио,,. Планиран е за празникот Света Петка, на 8 август.

Пенков беше во Словенија

Прилепскиот клуб во последно време е мошне активен на меѓународен план. Како плод на меѓуклупската соработка со клуб од Љубљана, борачот Христијан Пенков беше во Словенија. Престојот беше со намера да се изврши размена на искуства. Тој да им пренесе знаења од слободниот, а да прими од грчко-римскиот стил. Но, само по неколку дена, низ неколку тренинга, се случи кризата и тој се врати назад. Останува да се чека нова можност за договорениот проект со Словенците.

Loading