ПРЕДИЗВИКОТ НА НЕЗАВИСНИОТ ТЕАТАР ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ

Актерот Бобан Алекоски

boban aleksoski

Прилепскиот актер Бобан Алексоски е пред нов предизвик. Заедно со Надица Петрова, со која дипломира пред неколку години на ЕСРА, го создадоа независниот театар  Златен Елец. Проектите уште не се реализирани заради коронавирусот.

-Формиравме здружение за независен театар, заради потребата на уметникот на творба во континуитет, посебно на актерот, т.е  младиот актер кој се соочува со проблемот на вработувањето. Додека чекаме матична куќа со колешката Петрова го развиваме Златен Елец со свои продукции и работилници.  Името Златен елец е мотивација од Галеб на Чехов каде го спомнува Елец преку тажниот живот на Нина каде оди да игра со актери од четврта класа кај необразовани жители. Нашиот Елец го нудиме како спротивност на тоа значење и го правиме Златен елец, како инспирација за сите уметници кои немаат каде да ја изразат својата идеја и задолжителен уметнички развој – вели Алексоски.

Двајцата, за почеток подготвуваат премиера на комедија со работен наслов ,,Тоа е мое пиво или Еротика,, во режија на Ѓорѓи Ризески.

-Во екипата освен Надица и Бобан како алтернација за еден лик се менуваат Марко Илиќ и Ненад Ангелковиќ, дипломирани актери. Тоа е комедија на ситуации, но и за едни многу лоши особини како алчноста и поигрувањето со туѓи животи. Премиерата треба да се случи во Драмскиот театар во Скопје, а репризата во Македонски народен театар – вели младиот актер Бобан.

Планирано е претставата потоа да патува низ Македонија. Планираат подготовка за претстава за деца која ќе се вика ,,Школа за волшебници,,.

Младите актери се носат со идеја да организираат работилници и да реализираат проекти за уметности од повеќе области, поезија, сликарство, 3Д и графички дизајн, музика, танц…

 По нормализирањето на состојбата ,,Театарот Златен Елец,, планира во Велес да ја изведе монодрамата ,,Дневникот на лудиот,, по текст на Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, во која игра Бобан Алексоски.

– Претставата немаше продукциска капа. По 20-ти пат како изведба, влегува во овој независен театар. Монодрамата е поканета на театарски фестивал во Монголија во септември. Планирани се и други фестивли и гостувања. Играта веќе ја виде публиката во осум градови во земјава. Гостуваше и во Албанија и освои награди за режија и за најдобар актер. И лани на ИТФ Лица без маски, освои награда за најдобар актер. ,,Дневникот на лудиот,, е провокативен текст, напишан во 1835 година и уште е ужасно актуелен. Гогољ сака на некој начин да нé разбуди од сонот, од кој сме сите заслепени во секојдневието, и проблемите околу социјалниот момент – трката во која живееме. Претставата е поставена за ограничен број на публика, затоа што концептот е близок и се занимава со мислењето на гледачот, преку разни решенија во однос на интерактивност. Сцената е домот на Аксентие, главниот лик. Претставата зборува за проблемот на човекот внатре во себе и како нас во таа дилема или дискусија со себе нé прифаќа општеството. Содржината се занимава со тоа колку е важна поддршката да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор. Има нешто среќно за што трагаме, но и многу пречки кои сами сме ги создале не ни дозволиле конечно да го најдеме и да му се радуваме до крај. Сите стравуваат да дадат одговори и владее лицемерие на големо, владеат и лагата и лакомоста. Со една реченица – себичното општество го оштетува човекот до крајот на животот – додава Алексоски.

Loading