СИТЕ ЗА ВИРУСОТ, А ПО НЕКОЈ ПРАШУВА ЗА ПОБЕДА

Фудбал: Додека кризата трае

-Домаќинот секој ден е во просториите

stadion

Пред триесетина години, кога славниот капитен на сплитски Хајдук, Ивица Шурјак, уживаше во фудбалската ,,пензија,, го запрашаа колку тогаш се интересира за клубот во кој некогаш поминал 10 години.

-Речиси нема ден да не поминам крај стариот стадион. И кога сум некаде подалеку во градот, ја вртам главата натаму, да видам барем некој од рефлекторите – рече Шурјак.

Верувавме дека неможна е поголема приврзаност кон саканиот клуб, но до кога? Додека не ги сретнеме нашите прилепчани ,,борините,,. За Нова година, кога се е под еуфорија, честитки и желби за здравје и среќа, точно на полноќ се јавува најзагреан навивач.

-Ај честита и среќна нова 2020 година!

-Благодарам. Исто и тебе нека ти е честита, среќна, бериќетна!

-Зеде ли некој играч Победа?

И деновиве, кога со коронавирусот настана најголема криза во човештвото, има луѓе што зборуваат за Победа. Еден повозрасен потслушнал дека се одложени сите натпревари, но, за секој случај, се јавува и прашува:

-Што направи Победа?

-Одложено е сé. Нема фудбал повеќе – му кажуваме.

Во неделата, кога кризата беше длабоко навлезена, пред Саатот на клупа седи сограѓанин, заштитен со маска.

-Како е, се издржува некако? – го прашуваме.

-Мора. Туку, што правиме со Победа? Кога ќе се доизгради стадионот?

Се распрашавме што се случува во Победа. По последниот првенствен второлигашки меч дома со Брегалница (0-2), на 7 март, последниот тренинг беше одржан на 13 март. Оттогаш наваму нема колективни, туку само индивидуални тренинзи. Секој играч добил програма и според неа работи дома. Така клубот, иако со лоши резултати, продолжува, колку што е можно, да функционира како професионален. И во најтешкото.

Дознаваме дека клубот правел напори да им го исплати планираното за овој период на тренерите и фудбалерите. Просториите не се оставени сами. Таму секој ден навраќа домаќинот Зоран Мирчески.

-Проветрувам и проверувам дали е сé во ред со струјата, водата. Во секое време сум на располагање на секој од тренерите или играчите што ќе побара некоја опрема: патики, тренерки и слично. Секој ден сум тука, со надеж дека скоро ќе помине кризата – вели Мирчески.

А, штом ќе помине кризата, следниот меч е со Тиквеш.

Комплетна дезинфекција

И Победа се заштитува. Стручно лице извршило дезинфекција како заштита од коронавирусот. Дезинфицирани биле сите канцеларии, соблекувални, тоалети… 

Поставен потпорен ѕид

Нема тотален застој. Се постави потпорен ѕид на трибината што е зад голот, каде е ФК 11 Октомври. Ѕидот бил поставен поради тоа што е слабо земјиштето на таа страна. Земјиштето под големата трибина е цврсто како рид.

Кога ќе дозволат условите, се очекува да продолжат работите на малата трибина. Се работи за довршување на новинарската и ложата за гости. Таму доста беше направено лани, но остануваат уште подлогата, прозорците, вратите, инвентарот…

Можен е опстанок

Победа иако се наоѓа во незавидна позиција на второлигашката табела (наместо на спасоносното 6-то, е на 8-мо место), има шанса за спас. Надежта е во предлогот што клубот испратен до останатите клубови. Се предлага поради новонастанатата ситуација со коронавирусот да нема отпаѓање од лигите, вклучително и од Втората, туку да има проширување. Така, нема да има оштетени, туку ќе им се излезе во пресрет и на тие што се борат за пласман во погорен ранг.

Предлогот е праведен и затоа се очекува да го прифати и ФФМ.

Loading