ОНЛАЈН ПРЕТСТАВИ ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ

Snezana Konevska RusiСветскиот ден на Театарот 27 март 2020 

Во вонредни услови, кога низ театрите нема претстави, сé е одложено и  поедини театарски куќи прикажуваат онлајн  претстави, стигнаа светската и македонската порака за 27. март – Светскиот ден на театарот, напишана од пакистанскиот драмски автор и новинар, Шахид Надим. Според овој водечки драмски автор, шеф на реномираниот Аџока театар, театарот е тоа што додека трае изведбата на сцената, ние сме понекогаш понесени од нашата филозофија на театарот, од нашата улога како предвесници на општествените промени. Правејќи го тоа, оставаме голем дел од народните маси зад нас. Но, театарот е како светилиште.

Во нашиот ангажман со предизвиците на сегашноста, се лишуваме себе си од можностите на подлабоко движење на духовното искуство кое може да го пружи театарот. Во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се во пораст, народите се стремат против народите, верниците се борат со други верници и заедничките фрлаат голема омраза наспроти другите заедници… и во меѓувреме децата умираат од неухранетост, мајките за време на породувањата заради недостаток на навремена лекарска грижа, а идеологијата на омразата цвета. Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа. Веќе се слуша топотот на коњите од Четворицата Јавачи на Апокалипсата. Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила. Мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во кој живееме, на Планетата на која живееме. Театарот има благородна улога во витализирањето и мобилизирањето на хуманоста за да се подигнеме себе си од спуштањето кон бездната. Тој може да ја подигне сцената, изведбениот простор во нешто свето.

Македонската порака за денот на театарот ја напиша Снежана Конеска Руси, дипломиран актер и режисер.

Shahid Nadem Pakistan

-Глумците заминуваат…сире!… Тивко-бучно, тајно-јавно… случајно или намерно, ненадејно или правно, се откинуваат од магичниот театарски круг… исчезнуваат… остаруваат, па и ,,паметуваат,,. А зошто да не? Учевме во  најдобро училиште за смеа и солзи, радост и тага, среќа и мака, вистина и лага, добро и зло, љубов и омраза, за сé она што доаѓа од срцето на сите луѓе. Учевме од театарот. Да, театарот подучува, твори слики невидени, раскажува,  нахранува, охрабрува, создава јазик разбирлив за сите, создава трајно единство на автори, актери, гледачи, нé штити, нé засолнува, нé сака… Генерации глумци заминуваат – театарот останува. Опстојува, пркоси на просторот и времето. Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува сé:  беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури… клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – ,,може ли театарот повеќе од ова долу-подолу,,? Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија. Се обидува да создаде илузија кај човекот дека е надчовек. Театарот само го формира човека како човек. Телевизијата пак го тера гледачот да ги заборави своите маки, порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата го прави гледачот мртов. Гледачот во кино сака да се скрие од светот, да преземе доживувања кои самиот ги нема. Гледачот во театар вистински ужива. Театарот овозможува ,,игра,, нуди неповторливо задоволство. Театарот го чинат живи луѓе. Филмот нуди одредена приказна, театарот нуди живот. Театарот е уметност на живи луѓе. Театарот е лековит. Ослободува од страв, а човек ослободен од страв живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар. Човекот на нашево време живее во страв и сé прави да го потисне. Глумецот е тој, кој треба со својата дарба да го растера стравот кај другите, но и кај него лежи тој пусти страв, страв од вчера, од денес, од новото утре, страв од неуспех, од успех… Јас, третиот чинител на трајното единство – автор, актер, гледач, стравувам од новата можна самоцензура кај уметникот. Стравувам и од новата битка на театарот со интернетот. Театарот за нас е дијалог, интернетот е дијалог на поединецот со светот. Секој прави лажна претстава за себе. Секој има свој Фејсбук профил и секој сака да се презентира и да создаде свој имагинарен свет. Секој свесно или несвесно, става маска, игра своја ,,игра,,, некоја улога во животот – па нели ,,целиот свет е театар,,? А ,,светот е сцена,, (Шекспир). Најточно ќе прозвучи латинската поговорка – Totus mundos agit histrionem! (светот цел во глумење се дал). Во театар, под режисерската рака, глумецот ја отфрла маската, се разоткрива себе си, секоја улога ја откинува од животот, за да биде веродостојна, да му се верува безрезервно. Во театарот влегуваме како поединци, а твориме како колектив, најразлични претстави… добри, просечни, интересни, зачудни… Потребен е долг период за да се појават врвни дела. Тоа е магичен круг… Новото време носи нови предизвици… или можеби се стари? Историските прилики можеби се менуваат или се повторуваат? Повторно врамени во круг. И битката се повторува, постојано иста. Театарот сака да ја зачува својата моќ, за да може да твори, да креира нов свет, да ѕирка во забранетото, да ја открива вистината… убавината… да ја препорачува и поезијата, толку потребна на овој свет, а  глумецот –  ќе сака и ќе треба да ја дарува… Тоа е и наша мисија  –  да им ја вратиме на луѓето вербата во соништата… вели во својата порака Снеѓана Коневска Руси.

Loading