ТЕАТАРСКИ ЈУБИЛЕЈ БЕЗ ДОСТОИНСТВО

Читам во еден од последните броеви на Зенит за јубилејот на театарот, наш прилепски. И се радувам. А кој прилепчанец не се радува. Ама ние кои сме врсници на јубилејот нешто повеќе, зошто заедно растевме, такаречи сме од почеток. Тука се спомените. Се будат за Жежо, Рампо, Блаже, Цане, Ивче, Правда, Нада, Дебелото, Џуме, Жмара…, недопис. Па генерацијата по нив, па повторно другите по нив, па сегашните, па потоа за другите по сегашниве и така. Набројувам со цел барем сегашниве и тие по нив да ја немаат истата судбина на оние пред нив. А тоа е услови за работа или поточно, достоинството. Велам достоинството затоа што тие или го загубиле, ама не верувам дека е така, или свесно го жртвуваат во името на љубовта према професијата. Не знам друго што би ги држело да работат во такви услови, освен љубовта. Веројатно таа љубов кон професија е огромна. Човек да им завиди. Гледам, тие не избираа повисоки плати, барем официјално. Ги знаат сите услови во кои битисуваат, ами основно, е достоинството.

Ним им е потребна почит. Најмногу од тие што ги водат – раководните луѓе на театарот и локалната самоуправа. Не е доволно и ич не е во ред на јубилеи да се во првите редови, да читаат пригодни зборови, да се сликаат и да им го земат јубилејот на оние кои се најзаслужни за тоа. А после се по старо. Џабе му се пригодните зборови дека сé сториле да се подобри животот и работата во театарот. Како пробале да се подобри, како поголемите од нив немале разбирање за нивните барања, како сите театри во земјава се во иста состојба, нема пари и што уште не, само да го оправдаат својот неуспех. Глупости. Чиста политика. Ако е лесно, ќе нема потреба од нивни ангажман. За тоа се избрани, во маката да се покажат. Тука е успехот.

И така помина овој јубилеј. Ќе чекаме следен, пак ќе ја накитиме салата со цвеќиња како што е ред, пак говори, сликања, насмевки, оправдувања, ветувања… Не е во ред. Си се нафатил да ја работиш таа работа, па истерај ја до крај. Овозможи им на луѓето елементарно достоинство или заминувај од таа функција, затоа што не те бидува. Не може за поединци да страда цел ансамбал, односно ансамбли и генерации љубители на нивната уметност.

Кажете, да помогнеме, што треба ние обичните прилепчани, да направиме барем за наредниот јубилеј на прилепскиот театар да не почести со една прекрасна претстава, во прекрасни услови, во прекрасно гледалиште, каде сите ќе се чуствуваме прекрасно. За тие што го водат театарот, заедно со локалната самоуправа, треба да им биде приоритет. Ако им е остварливо, нека продолжат со работа, ако не, чесно да се повлечат, барем на наследниците ќе им остават поголема обврска за решавање.

Вакви состојби во градов не се само во театарот, туку и во другите области на заедничкиот живот, како спортот, особено нашата Победа, некогашен југословенски бренд во фудбалот, здравството, школството, комуналиите… За тоа друг пат.

М.Наумоски

Loading