НАДВИКУВАЊЕ

Владиката го навредил нешто Итар Пејо, а овој, со својот табиет не сакал да му остане должен. Намислил веднаш да му се одмазди. Скроил план.

Близу до едно од мариовските села, Пејо го помолил владиката да го пушти малку понапред, да му каже на попот дека иди владиката, да се потсуреди домаќинката, да ја подзачисти куќата, да позамете, нешто да приготви за вечера.

Владиката му дозволил. На разделбата Пејо, се врати и му вели на владиката:

-Знаеш дека попчето има стар татко на кого непара му се дослушува. Та ако проговориш некој збор со него, треба да подвикнуваш ако сакаш да те слушне – му рекол Пејо.

-Добро – рекол владиката и си го клале в ум кажаното.

Пејо истрчал напред да му јави на попот дека вечер владиката ќе му биде гостин. Со дикат, му шепнал на стариот попов татко дека владиката е глув. Та, ако сака нешто да проговори, треба да подвикнува за да се разберат. И стариот си го клал тоа в ум.

Како што се пречекува владика, излегол попот со фамилијата и со други селани пред портата. Владиката го видел старецот и се сетил што му рекол Пејо за него. И старецот почнал да вика.

-Добро вечер, старчееееее – викал владиката колку што не може.

Старецот уште посилен му одговорил:

-Дал ти бог, добро, свети владикоооооо!

– Како си, старчееееее!

-Сполај богу, свети владикоооооо!

-Се крепиш ли со староста?

Владиката седнал на трпезата, а стариот како домаќин спроти него. Разговараат и куќата се цепи од викотници.

Најпосле му удрил ум на владиката да го праша стариот:

-Одамна ли си глув, старчеееее?

-Не сум глув, туку ти одамна ли си глув!?

Владиката го разбрал пејовиот мајтап и го спуштил гласот па му вели:

-И јас не сум глув, туку на душа нека не има Пејо. Обајцата си ги искинавме гркланите викајќи. Нејсе, нејсе. Пејова работа.Со него не се садат краставици – се насмеал владиката, го симнал гласот и разговорот продолжил  полека, како Господ што рекол.

Пејо и другите селани во другата одаја се држеле за стомак од смеа кога слушале како се надвикуваат владиката и стариот попов татко.

Loading