ЉУБОВ ГИ ОБЕДИНУВА СВЕТИ ТРИФУН И СВЕТИ ВАЛЕНТИН

praznik

Празнувањето на Свети Трифун – христијанин маченик од 3. век има долга традиција во христијанските земји. Овој светител бил син на  благочестиви родители. Поради големата вера и љубов, Бог го дарил на мудрост и чудотворства. Така добивале исцеление од болестите и страдањата. Во 225 година боледувала од лош дух Гордијана, ќерката на императорот. Таа се губела и не знаела што прави. Не можеле да ја излечат големи лекари и мудреци. Според житието на Свети Трифун, ѓаволот во неа велел ,,Никој одавде не може да ме истера, освен момчето Трифун,,. Царот испратил војски да се бара Трифун по целото царство. Носеле многумина со тоа име, но никој не можел да ја излечи неговата ќерка. Најпосле го довеле Трифун. Тој со верата и љубовта кои ги и мал и со пост и молитва го истерал лошиот дух од ќерката на царот. За ова бил почитуван и награден од царот. Трифун тоа го раздал на сиромашните и многумина станале христијани, гледајќи ги неговите чуда.

Во времето на епархот Аквилин, Свети Трифун бил обвинет дека е христијанин и принудуван да принесе жртва на римските богови и да се откаже од христијанството. Свети Трифун не прифатил и бил подложен на страшни мачења. Но, цело време го исповедал Христос како Вистински Бог и Спасител, а римските богови како лажни. Бог му дал сила да истрпи безбројни мачења, и на крајот бил посечен при неговата молитва на Бога околу 250-тата година.

Свети Трифун, како чудотворец, е почитуван како светител, маченик, посебно што на неговиот празник се закројуваат и лозјата. На земјоделците им е заштитник, бидејќи Божјата помош е неопходна во сî. Свети Трифун се поврзува со природата која се буди, со лозјата и земјоделството. Тоа не значи дека треба да се поврзува со пиење, прејадувањето, дури и да се нарекува со погрдни имиња.

Славењето на Свети Трифун, неправедно како да засенува друг празник, кој се слави меѓу младите во поново време, а на Запад од 14. век. Тоа е Свети Валентин – светител од 3. век. За него има малку податоци, а многу преданија. Овој светител се поврзува со љубовта, заљубените, бидејќи според преданија, на неговиот ден птиците и живиот свет си бараат животни друшки. Се почитува и поради тоа што Свети Валентин, како свештеник, склучувал бракови на христијаните, во времето на царот Клаудиј, кој пак заради потребите на својата војска, за да има војници, го забранил склучувањето бракови за младите. Заради тоа Свети Валентин е уапсен и затворен. Но, благословувањето на браковите, наишло на почитување, кај младите, кои го посетувале во затворот. Посебно го почитувала ќерката на затворскиот управник, која доаѓала да го слуша. Нејзе í оставил порака, кога го носеле на смрт. Одовде е западниот обичај на овој ден да се испраќаат пораки на љубов кон избраните животни сопатници и давањето на подароци. На Запад на овој ден се прават многу венчавања на бракови.

Љубовта е најголема христијанска вредност и треба да ја искажуваме кон Бога, кон нашите ближни и кон оние кои ги љубиме како избраници за заеднички живот. Ова не треба да биде само во еден ден, туку постојано, бидејќи љубовта му дава смисол на животот. Православните христијани, посебно треба да го чуваат, а не неправилно да го нарекуваат ,,пијаница,,.

Loading