ВО ПОБЕДА СЕ САМО ИГРАЧИ ШТО ВЕРУВААТ

Фудбал: Дарко Крстески работи со одбран млад кадар

Кој мисли дека не можеме, слободно нека излезе од соблекувална – е пораката на тренерот

Trening

Екипата на Победа е во тешка ситуација, во минус од 9 бода до спасоносното 6-то второлигашко место, но тој факт не предизвикува страв, ами само поттик. Тоа се гледа низ позитивната атмосфера во тимот на тренерот Дарко Крстески кој совреме тргна со подготовките, во кои се и две пријателски средби, со Напредок (4-1) и Кожуф (1-0). Обврските се реализираат и при поволно време и при снежно.    

-Поминуваме тежок период на навикнување: играчите на мене, јас на нив. Од почетокот им реков дека нашата задача е тешка, но остварлива. Кој мисли дека не можеме, слободно нека излезе од соблекувална. Сега ми е ,,кеф,, да ги гледам како работат. Веќе во мечот со Кожуф покажаа напредок. Дисциплинирани, одиграа добро, скоро сите задачи ги исполнија. Што се однесува до трчањето, има време да се поправи – вели Крстески.

Во екипата се 25 фудбалери. Списокот со нови е долг. Прво дојдоа Котевски, Ефремов, потоа Андреевски, Димитриоски, Илијески – Кисески, Симоноски, Симјановски, а последни Анастасовски, Петкоски и Ангелески. Претежно се повратници. Покриени се сите позиции, но се зема предвид дека неколку млади не ќе можат веднаш да бидат во тимот напролет, поради недоволното искуство. Потребни им се натпревари, а нема време за тоа. На тимот му се потребни бодови веднаш. Затоа веројатно ќе има место уште за двајца нови.

– Не е лесно доведувањето на квалитетни нови играчи. Вистината е дека фудбалерите побргу се одлучуваат да заминат во Плачковица, отколку да дојдат во Победа. Голем удар ова е за Победа и Прилеп, за сите. Играчите меѓу себе се слушаат и знаат каква е финансиската ситуација, на кој терен играме… А порано? Само да слушнеше некој дека од Победа му ѕвонат, немаше да праша ни за плата, туку одма идеше во Прилеп.

Иако во играчкиот фонд преовладуваат младите, тука на помош ги имаат ветераните со дводецениска кариера, бранителот Дамевски и напаѓачот Гешоски. Ако се знае само нивната возраст (38 години), треба да бидат меѓу ,,отпишаните,,, но не е така. Тоа што тие можат, не може никој помлад. Богато искуство е во прашање.

-Многу сакаат да помогнат, но гледам поставата да биде некогаш и без нив. Се учиме да се снаоѓаме без нив. Ќе ги користам во некои посилни натпревари, за поголемо искуство. Со тоа искуство не треба многу трчање за во некои ситуации квалитетно да ја решат ситуацијата – смета Крстески.

Гостува Слога

Победа продолжува со серијата пријателски. Третиот контролен меч ќе биде в сабота. Првично е договорено да се игра во Прилеп, но не е најсигурно. Доколку не дозволат временските услови, можно е да се игра во Виница. Слога е есенски првак во Третата лига – Исток.

Loading