ВИЛИЦИ

Прилепски мајтапења

Се менуваат термините за драпачки на прилепското светилиште за мајтапења. Собирите се од подоцна до ручек. Пред мракот нема ,,конзументи,,.

– Од утре овде на сабајле да се нацртувате порано, оти можи некому да му се слоши, да му се снеможи, па после да не вата за муцки – им се обрати на абонатите стрико Цане.

– Не помочани да дојме? Водете есап дека треба да ги нараниме чавчинана дома до девет – побара да не се менува терминот едно кусо и дебело човече близу до 80 лета.

– Тебе да не те рана. Ти ниф, оти ко шо глем раката од то мево не ти досига до уста – сакаше да ја спречи натамошната дискусија стрико Цане.

– Ај, остај ги лујџето да си кажат за термините. Светилиштево го отворивме за нив. Секој има право на збор, а нашиов че биде последен, како во сите демократи – побара мир стрико Рампо.

– Арно де. Лујџе кој че се јави за драпачка, нека крени рака?

– Јас сакам да се пожалам. Ова шо сум дебел е от то шо немав заби и сé шо јадев не џвакав, туку го голтав ко гусак. Зато сум згоен – вели дембелиот.

– Оти не си прајш вилици, бадијала се?

– Ланилето напрајф, ама не можеф да ги носам.

– Шо му напрај, бре чоек?

– Ништо! Му се пожалиф на комшијава Перо, а тој ми вели, сакал-нејчел мора да ги носиш. Се истрчав и од нервоза реков: -Море Перо, побрзо че ги помочам, отколку да ги клам вуста. Не се трај, трески ме вајча од нив.

– И, шо после?

– Шо? Згора на фалбата се кладеф со Перо на 100 банки дека дури не и помочам не и клам вуста. Сам сум си кабајт. Перо не ми дава изим, си ја бара опкладата, а пари се нема, еве прашај го и него.

– Ај Перо, попушти малку. Чоеков се напрајл ко буре. Утре можи че пукни во кожата, имај малку исав.

– Ако нејчи тој да ги помоча, тогаш нека ми дозволи мене. Па че му простам – се огласи Перо додека аудиториумот гргна од сме и многу драпачки на сметката од дембелиот.   

ДДБ

Loading