ПРИЛЕП ЗАИНТЕРЕСИРАН ЗА КРИЛО И БЕК

Ракомет

Во салата ,,Ричко,, в понеделник со тренинзи ќе почне машкиот прволигаш Прилеп, според најавата од тренерот Андријано Котевски.  Почетокот на подготовките ќе биде благовремен за пролетната сезона чиј старт е најавен за 29 февруари за куп и на 7 март за првенство. Тренинзите ќе бидат само во градов, в сала и во вежбалница. Нужни се барем 2-3 пријателски. Прилеп, како второпласиран во првата група, обезбеди учество во плеј-офот, каде од двете прволигашки групи одат по 4 тима. Новоформираната лига од 8 тима ќе стартува од ,,нула,, без пресметани бодови, од каде првакот директно ќе има суперлигашки статус, а вториот оди во бараж-меч. Клубот нема амбиции веднаш да се врати во Супер лигата, туку да ги обучуваат младите во добри првотимци и така до година и тимот и клубот да ,,созреат,, за највисок ранг. Сепак можно е доведување барем двајца нови играчи за поголем ростер. Интересот е свртен кон десната крилна позиција и средната бековска.

Женскиот тим на Деспина во средата стартуваше со подготовки во ,,Ричко,, под водство на тренерот Страшо Илиески. Нема измена во играчкиот кадар што го освои 6 место меѓу 13 екипи. Пролетниот дел најверојатно ќе стартува кон крајот на февруари или на почетокот од март.

Loading