ПОМИНАТОТО НЕ СЕ ВРАЌА – ГЛАВАТА ГОРЕ

Фудбал: Победа тргна со тренинзите

Новиот тренер Крстески има 3 засилувања

82362289 10221370395993347 1682029409248215040 n

Среда – среќно! Традицијата екипата на Победа да почне со подготовки во среда, продолжи завчера. Во просториите од стадионот ,,Гоце Делчев,, новиот тренер Дарко Крстески одржа прва средба со фудбалерите. Присутни беа над 20 првотимци, меѓу кои највозрасните, бранителот Благојче Дамевски и напаѓачот Благоја Гешоски. Од новите повратници се голманот Даниел Котевски (Охрид), и напаѓачот Трајче Ефремов (Кит-Го Пехчево), а сосема нов напаѓачот Мирко Симјановски (Пелистер). Од друга страна, заминаа голманот Благоја Иванов, бранителите Леон Најдовскии Тони Магловски, напаѓачот Благоја Наумоски.

-Мило ми е што сум тука. Иако многу ја имате ,,закршено,, работава, секогаш ми е мило да се вратам во Победа. Ситуацијава сега е голем залак. Сепак, можеме да скокнеме од 8 до 6 место од табелата кое обезбедува второлигашки опстанок. Гледате што се случувало во клубот и треба да извлечете некои поуки. Стадионот се гради 3-4 години и е при крај. Господ здравје, годинава да се заврши е добро, затоа што ретко кој има играно пред полни трибини тука. Не е исто како на Могила, крај базенот и тн. Овде е многу поинаку. И тоа што не го знаете, ќе го дадете овде. За да стигнеме до тоа нешто, мораме оваа пролет да опстанеме. Потоа да видиме кај сме – што сме, и јас мислам дека сме кадарни. И самото име на клубот налага да тежнееме кон Првата лига. За наредното ќе видиме, само да се средиме прво сега – порача Крстески.

Подготовките, тренинзите се одвиваат во градов. Првата, а можеби и втората етапа ќе се одработат тука. Не е исклучено десетина дена да се минат настрана. Ако не се замине никаде, за патување ќе се чека до пријателските натпревари. Три теста веќе биле закажани, а ќе има барем уште толку за дотерување на формата. Работата почна и трет ден се влегува во ритам.

-Тројца донесовме, а преговараме со уште за три-четворица. Мораме  да ја освежиме крвта. Овој кадар тука мора да го поткрене нивото. Јас Дарко, не играм, имам некое искуство со знаење кое сакам да го пренесам. Бодовите се освојуваат од денеска. Ме интересира добро да се подготвиме. Господ здравје да дава и да не се повредувате. Да внимавате. Тука сум да давам по ,,некоја порција,,, но ако некој сака да ја турни, не можам да помогнам. Сакам да ги споиме младоста со искуството. Младите да преземат нешто од однесувањето на постарите. Имајте добро мислење за себе и добро работете. Хиерархијата да се почитува, дисциплина, работа и ништо друго. Другото ќе си дојде само по себе – заврши Крстески.

Прв човек на клубот и натаму е Миле Спиркоски. Тој извести за преземањето  на клубот од страна на Општината. Процедурата била при крај. Клубот финансиски да застане на здрави нозе и потоа ќе биде полесно. Не се бара ,,леб преку погача,, туку основни услови за работа.

-Поминатото, не се враќа. Главата горе. Само храбро напред почнуваме со работа. Ќ е успееме сите заеднички да стигнеме до опстанокот  во Втората лига. За се што ве интересира понатаму ќе се обраќате директно кај тренерот Крстески, а ако е потребно потоа тој ќе ми пренесе мене – рече Спиркоски.

Нов технички директор

На првиот собир имаше ново лице – Горан Спиркоски. Се работи за познат фудбалски работник, кој беше во организацијата за турнирот во мал фудбал ,,Свети Никола,,, а порано најдобар македонски судија со знакот на ФИФА. Во Управата на Победа ќе биде технички директор.

Loading