ПО БОРИНА БЕЗ СЕКИРА

Тргнал Пејо со група селани в планина за борина. Арно ама, никој не понесол секира. Кога дошле во планината и ги побарале секирите да сечат, сите почнале да се жалат.

Но, тука бил Пејо да ја нареди работата и почнал да ги советува.

– Знаете што, браќа. Еве што ми текна мене. Јас ќе се качам на боров и ќе го фатам за врв, а вие фаќајте се еден за друг за нозе, првиот за моиве, се разбира. Од нашата тежина борот ќе се искорне и ние ќе си го однесеме дома, цел и ќе си го поделиме. Лошо ли ви викам? – прашал Пејо.

Се качил Пејо на борот и ги фатил за врв. За неговите нозе се фатил еден од селаните, за него друг, за овој трет и така редум до последниот.

Борот го наведнал врвот, но далеку бил од корнење.

Тогаш Пејо привикнал одозгора.

– Држете се браќа, добро да си плукнам на рацете, да земеме троа сила – рекол Пејо и го пуштил врвот, та сите селани се нашле на земја еден врз друг.

Пејо паднал врз селаните, кои мошне се испребиле. Некој скршил нога, друг рака, а еден и ребрата и почнал веќе да умира, а Пејо го теши:

– Што се смееш, пријателе? И јас си го удрив коленцето – и станал та си отишол дома да им раскаже на жените како се бере борина без секири.

Loading