ВЕЧЕРВА Е ФИНАЛЕТО

Мал фудбал: Хуманитарен турнир во мал фудбал „Свети Никола“

-Победникот се крие меѓу 6 тима

mal fudbal

Крајот е на најдолготрајната спортска манифестација, хуманитарниот турнир во мал фудбал ,,Свети Никола,, во Универзалната сала. По 17 натпреварувачки дена, вечерва е закажана завршницата во сениорскиот дел, со мечот за 3 место и финалето. Нема сомнеж дека салата ќе биде преполна со гледачи, кои со купен билет ќе го помогнат лекувањето на малиот сограѓанин Дејан Најдоски. Тоа ќе биде битката на најдобрите. Кој ќе го земе највредниот пехар од организаторите – Општината Прилеп, Локалниот спортски сојуз и Комфи ангел?

До заклучувањето на бројов, победникот се криеше меѓу 6 тима. Екипите на Ресторан Путник и Бучин први влегоа во полуфиналето. Ресторан Путник прво во групната фаза ја покажа силата, со победите над Бучин (5-1), Оникс (3-0 сл.), Дрим тим (3-1), Тинко 10 (3-0 сл.). Потоа во 1/8-финалето со 4-1 го совлада Гентерм, а во 1/4 – финалето со 3-1 Кафе Ин. Екипата Бучин имаше тежок пат во бодовниот систем. Таму со 4-1 го совлада Тинко 10, со 1-5 загуби со Ресторан Путник, со 3-1 го победи Оникс, со 1-1 (2-1 на пенали) против Дрим тим. Во 1/8-финалето со 4-2 го совлада Автоконтрол, а во 1/4-финалето со 3-0 Фаст фуд 5-ка.

Уште 4 имиња ги запамети публиката. Пред се Фенербахче (Кичево) со 5 победи на 5 меча. Прво,во групата ги совлада: Декор колор Кожувчанка (4-3), Мермерен комбинат (8-0), Стовариште Дебреште (4-1), Јунајтед јуниор (5-1),а во 1/8-финалето со 5-1 ЗФСК Начко (Битола). Тимот на Евротип откако со 3 победи и реми со подобро изведување на пенали ја заврши групата, во 1/8-финалето со 1-0 го совлада Мотив дизајн. Како моќен состав се покажа Хотел Монтана Најс травел со сите победи во групата, плус во 1/8-финалето со 2-1 над Декор колор Кожувчанка. Списокот екипи кои го одбележаа турнирот завршува со Теа Андреа. Во групната фаза постигна 3 победи, реми со подобро изведени пенали, а во 1/8-финалето со 5-3 го елиминира Ресторан Корзо.

Победник ќе има кај ветераните, кај пионерите во повеќе генерации, каде во групата 2005/6 редоследот е: Ивовод Победа, ФШ Тони, Сивчо.

Loading