ПРВ ПРИЛЕПЧАНЕЦ СО СВЕТСКИ СЕРТИФИКАТ

David SotiroskiОдбојка: Давид Сотироски, нова тренерска надеж

-Работи во Суботица, помага во 11 Октомври

Прилепската одбојка прави обиди за враќање на некогашното ниво, кога и машката и женската екипа на 11 Октомври имаа значајни улоги во Македонија и пошироко. Во тој контекст, убава вест стигна од ЖОК 11 Октомври: младиот тренер Давид Сотироски се здобил со светски сертификат од ниво 1. Тоа значи дека е еден од 15-те Македонци, а првиот прилепчанец со таква диплома.

-Ова се случи на четиридневниот семинар во Скопје, организиран од ОФМ, под покровителство на Светската одбојкарска федерација. Услов на учество беа онлајн-тестовите во времетрање од 30 дена. За добивање на сертификатот го положив практичниот дел низ организација на тренинг и покажување на дел од играта, теоретскиот дел – одговарање на прашања од областа на одбојката – информира Сотироски.

Семинарот привлекол внимание. Присуствувале тренери од странство од Тајпеј, Естонија, Кипар и Грција. Можеби и затоа што централна фигура на настанот бил предавачот – селекторот на Јапонија, Филип Блан, поранешен на Полска и Франција, воедно тренер на неколку најсилни клубови низ Европа.

– Одржа предавање како да се биде тренер, презентација на вежби и корекција, техника и подготовка на вежби, блок, одбрана и систем, ментална мотивација. Имаше и две практични сесии за демонстрации на техники за загревање, сервис, додавање, одбрана, блок и транзиција – пренесува Сотироски.

Младиот Сотироски е пример за огромна желба и енергија. Моментно работи во женскиот клуб во Суботица. Кога е во родниот Прилеп помага во ЖОК 11 Октомври кај тренерот Гиче Локвенец. Едукативното ниво го подигнува на Вишата школа за образование на воспитувачи и тренери, насока – тренер по одбојка, каде е апсолвент. Паралелно е  студент на магистерски студии на Економскиот факултет во Суботица.

Играл за 6 клуба

Пред да почне тренерска, Сотироски имал богата играчка кариера. Почнал во 11 Октомври, а потоа настапувал за Синалко (Крушево), Спартак Суботица, Дунав волеј Нови Сад (Србија), Банска Бистрица (Словачка). Минатата сезона со Шутова (Кичево) стана вицешампион на Македонија.

Loading