СИЛА И ПОЧВА

ivce1Земјотрес во Албанија. Силен. Катастрофален. Голема материјална штета и многу жртви. Човек не може да не го изрази своето сочувство и своето жалење. Урнатини! Помош пристигнува од сите страни.

Нашата редовна тема е јазикот и многуте грешки во него. Кутриот наш македонски јазик. Има ли помош за него? Ќе пристигне ли од некаде? А од каде? Од каде, ако не од самите нас. Кога ќе престанеме да мислиме дека тоа е најмалиот проблем? Кога ќе разбереме дека јазикот, тоа сме ние? По тоа се препознаваме, по тоа го определуваме нашиот идентитет.

Почнавме со земјотресот. Навистина катастрофа. Медиумите известуваа, за жал, со катастрофални јазични грешки. Сите телевизиски куќи, како по договор, со исти грешки. Сите  известуваат дека земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Колку ли новинари, колку коментатори, колку лектори ја употребуваат грешката кога ќе речат дека земјотресот бил со таква и таква јачина. Придавката ,,јак,, има поинакво значење. Земјотресот не се мери со јачина. Може да се рече дека земјотресот во Драч бил со сила од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Може и земјотрес со интензитет според таа и таа скала. Гео и метеоролошките појави се мерат со сила и интензитет. Може да се рече дека тој и тој земјотрес бил со магнитуда од толку и толку степени, но никако не со јачина. Цврстите предмети се мерат со јакост, тврдост, јачина. А, рековме, сите, како договорени, известуваат со каква јачина бил односниот земјотрес. Мошне често, речиси повторно од сите медиуми слушавме дека по најсилниот потрес се почувствувале и бројни послаби потреси. Сосема друго нешто означува придавката ,,бројни,, – бројна состојба, на пример. Овде станува збор за многубројни потреси. Оваа грешка ја слушаме мошне често и за други нешта. Во сите извештаи за земјотресот во Албанија се провлекува уште една крупна грешка. Редовно и често, на сите телевизии. Чудно е зошто е тоа така. Сите велат дека тлото се тресело уште толку и толку пати. Никој не се сетил дека таа именка ,,тло,, на македонски значи ,,почва,,. Еве објаснување во Речникот на Зозе Мургоски: – Горниот слој од земјата во кој растат растенијата. Имаме плодна почва, песоклива почва. Земјиште што припаѓа на одредена држава – француска почва, англиска почва. Постои израз: – Губи почва под нозете. Така е објаснето во споменатиот Речник. Придавката изведена од именката ,,почва,, гласи ,,почвен,,. И во приватните разговори се прави оваа грешка под влијание од српскиот јазик. Како и да е, во телевизиски програми тоа не смее да се случува. А го слушаме тоа од сите телевизии. Сега, поради земјотрестот во Албанија, извештаите се преполни со податоци, а именката ,,тло,, се користи безброј пати. Необично!

Да се одделиме малку од оваа трагична тема поради земјотресот и мачна поради јазичните грешки. Во поинаква емисија, извесна госпоѓа расправа за некакви проблеми. Сакајќи да каже дека тоа не е нешто страшно, нешто опасно, вели: ,,Тоа се одразува многу минимално,,. Можеби ќе беше тоа незабележано ако не се повтореше многупати. Зошто е тоа така? ,,Многу минимално,, значи нешто што е најмалку можно. Не може помалку од толку. И што би значело тоа – ,,многу минимално,,? Веројатно – ,,многу најмалку,,. Смешно!

Loading