ПРИКАЗНА ВО ПРИКАЗНА Е „ВЛЕГУВАЊЕ ВО ПЕСНАТА“

suzanaНова збирка раскази на Сузана Ѓорѓиевска

Штотуку излезе од печат новата книга на Сузана Ѓорѓиевска насловена „Влегување во песната“. Збирката раскази í е петто книжевно дело.

Прозниот ракопис содржи 18 куси раскази во кои се популаризира жанрот – кус расказ, што е актуелен во сегашниот миг. Два од објавените раскази се победници на конкурси за раскази.

Габриела Стојаноска Станоеска бележи дека приказните го носат признакот на оригиналност, новост и актуелност.

-Адути се јазикот и лексиката кои се приказни за себе, приказна во приказната. Таму воскреснуваат зборови како утија, лиот, софралак, пиралка, пизма, опул… и многу други кои во фабула ги престоруваат нашите гласови од старина обединети со гласовите на другите етникуми со кои заеднички битисувале низ времињата и невремињата. Расказите се како изложени музејски витрини над кои се наведнуваме да се восхитуваме на убавината и сјајот на старата македонска реч што трепери пред нас жива, во свежи, полни бои и значења, а не заборавена и отфрлена од нивната употреба на стандардниот и на секојдневниот јазик кои се постојано во трка со напредокот на науката и техниката – посочува Габриела Стојаноска Станоеска за новата книга на авторката.

Ѓорѓиевска е автор на стихозбирките ,,Сенки,, ,,Срна,, монодрамата ,,Мегдан,,  и романот за деца ,,Сонувачот, купувачот и уште нешто,, што беше поставена на сцената на тетаарот ,,Војдан Чернодрински,,. Добитничка е на бројни награди и признанија од повеќе конкурси.

Loading