МАНАСТИРОТ ПЕЈОВИЦА – СВЕТА ТОДОРА

Остана Пејо една година без паричка, та размислувал како да дојде до некој грош. Му требало долго да мисли. Ја зел торбата со една женска икона и се навртил надолу  накај Тиквешијата. Го погодил панаѓурот во Ресаво – Богородица. Зашетал низ селото да собери подароци, доброволни прилози за манастирот…

Пејо и порано одел  да бара и моли за некој мариовски манастир. Собирал арно милостиња. Тогаш ги носел иконите од Свети Илија Мелнички, од Свети Димитрија Чебренски, од Свети Пантелија Полчишки, Света Богородица Манастиречка, Света Петка Бешишка, кои манастири ресавци добро ги знаеле, та дури и иконите ги познавале.

Арно ама овојпат Пејо дојде како ѓак од сосема непознат манастир. И кога го прашаа за кој манастир собира милостиња, не злоупотребил ничие име од познатите светци, ами им рекол.

– Нов, нов манастир подигнав лично за Света Тодора. За неа собирам, кој милува да даде, многу добрини прави таа светица – велел И кандисувал кога барал подароци.

Раскажувал дека тој манастир е на највисокиот рид во Мариово. Ретко некој човек, освен него, да се качил на тој манастир. Сите богобојажливи христијани приложувале нешто повеќе за новиот манастир. Таа света Тодора била, која, ако не Пејовица. За неа и за дечињата Пејо ги собирал подароците од ресавци и други христијани во Мариово.

Loading