„ОШИШАНА“ ГРАДОНАЧАЛНИЧКА

ivce1Контактна емисија на една наша телевизии. Се јавуваат гледачи, го кажуваат своето мислење, својот став и слично. Водителот ги предупредува да се држат до темата, која гласеше: ,,Кој е вашиот став за иницијативата на Македонија, Албанија и Србија за МАЛИОТ ШЕНГЕН,,?

Не навлегуваме во суштината на темата. Зачудува начинот на прашањето. Се бара каков став имаат гледачите, нели? А зошто не се прашува ,,Каков е вашиот став,,, туку се вели ,,Кој е вашиот став,,, како да има тука испишани повеќе ставови па гледачот треба да објасни кој е неговиот став. Ваквите нелогичности ги слушаме и ги читаме редовно. Слушаме: ,,Кое е вашето мислење,,, наместо ,,Какво е вашето мислење,, ,,Кој е вашиот проблем,,, наместо ,,Каков е вашиот проблем,,. Сме слушнале да се зборува за човек кој бил богат, имал многу пари. Се вели: ,,Знаеш ли ти со кои пари располага тој,,, наместо со ,,колку пари,, или со ,,какви пари,,. Темата за која зборуваме, за ставот на гледачите, за целото време, додека траеше емисијата, беше напишана на долниот дел од екранот. Тоа не може да биде случајно. Така е напишано од страна на лекторот, или според неговата препорака. Чудно!

Во вести на екранот читаме: ,,Што му смета на Макрон Балканот,,? Се разбира, се мисли за ставот на Макрон во врска со датумот за почеток на преговорите со ЕУ од страна на Македонија. Глаголот ,смета,,, што значи тој? Тоа значи дека некој нешто пресметува, прави сметки. Зошто го земаме од српскиот јазик и тоа со погрешно значење? Српската именка ,,сметња,, кај нас значи ,,пречка,,. Пак ќе го споменеме лекторот. Текстот испишан на екранот мора да е со негов ,,изим,,. Зар тој не знае дека треба да биде напишано ,,Што му пречи на Макрон Балканот,,? Значи, на францускиот Претседател Макрон Балканот ништо не му смета. Ништо не му пресметува, не му прави никакво сметки, туку нешто му пречи. А што е тоа што му пречи си знае тој. Нам, на сите Македонци треба да ни пречат (не да ни сметаат) ваквите грешки.

Извесен господин зборува (пак на ТВ) за правилната употреба на македонскиот јазик. Вели дека се грижи за тој проблем. Имал некогаш наставничка по македонски јазик која извршила врз него големо влијание и тој вели дека безмерно ја почитува и дека сега ја следи нејзе и нејзините укажувања за јазикот. Ни падна в очи изразот ,,Ја следи нејзе,,. Многупати сме ја слушнале и оваа грешка. Ја следи ,,неа,, а не ,,нејзе,,. Така е правилно. Нели се сеќаваме уште од училишните денови: ,,Неа ја,,, ,,Нејзе í,,. Неа ја видов, ја поздравив, ја почитувам, ја слушам и така натаму. А нејзе и реков, и викнав, и завидувам, и велам и слично. Да се потсетиме уште еднаш – НЕА ЈА, НЕЈЗЕ И.

Во Боливија, во градот Ла Плата имало големи демонстрации. Демонстрантите ја фатиле градоначалничката, ја потуриле со црвена боја и потоа ја ,,ошишале,,. На кого да се лути човек, кого да обвинува за вакви грешки? До кога скопскиот жаргон ќе се наметнува како литературен јазик? Кај нас, во Македонија, косата може да биде ,,острижена,, а не ,,ошишана,,. Ќе се прашаме, којзнае по кој пат, каде се лекторите? Презентерите, коментаторите и воопшто сите новинари, треба да го знаат македонскиот јазик. Убаво да го знаат. Но, ете, ако се провлече некоја грешка, лекторот треба да интервенира, да укаже, да спречи да се користат и да се повторуваат вакви грешки. А кај нас, како јазикот да е најневажната работа. Ќе повториме уште еднаш – скопскиот жаргон се претвора во литературен јазик.

Loading