ДОМАШЕН САПУН ЗА ПЕРЕЊЕ АЛИШТА И ЗА ЛИЧНА ХИГИЕНА

sapun

Домашниот сапун не ја суши кожата и не предизвикува првут. Сите кои сакаат да направат свој сапун каков што го правеле бабите, еве еден рецепт. Има ладна и топла постапка. И постапка за минимална доза.

За ладна постапка се потребни 1,5 кг. маст од животинско потекло, 460 г. растително масло (маслиново, палмино), 700 мл. вода, подобро е собирана дождовница и 270 г. натриум хидроксид (каустична сода). Во голем сад од отпорна пластика или нерѓечки челик, полека се додава каустичната сода во водата (никогаш обратно). Најдобро е лажица по лажица. Ако се тури целата количина во водата, настанува силна реакција и смесата може да претече од садот. По првата лажица реагира каустичната сода. Водата ќе почне да врие и да пени. Откако внимателно и полека сте ја додале целата база со дрвена лажица (никако со метална), се меша смесата и и полека се додава растопена маст и масло, кои не треба да бидат врели, туку само топли. Се меша смесата во една насока да добие изедначена густина како мед. Смесата може да се меша и со миксер, најмногу 10-тина минути, бидејќи смесата брзо почнува да се стврднува. Во смесата може да се додаде некое етерично масло за подобрување на мирисот (10-тина капки), како масло од лаванда или цимет. Обложете го својот калап со проѕирна фолија, па внимателно излејте го во топлиот сапун. После 24 часа сапунот се сече на форми по желба (коцки). Или се вади од калапот и се остава да се суши на проветрено место од 6 до 8 недели. Калап може да биде било кој сад или амбалажа од сок исечен од горната страна.

Првиот дел од топлата постапка е ист како за ладната. Разликата е во тоа што водата и мастите се ставаат во сад од нерѓосувачки челик во кој полека се додава каустичната сода, па после првобитното поврзување, кога смесата малку ќе се смири и повеќе не покажува знаци на вриење, се вари на тивок оган, повремено мешајќи додека смесата се згусне како шеќерен сируп. Тоа може да трае неколку часови. Потребна е внимателност, бидејќи смесата станува погуста. После 3-4 часа варење, сапунот станува густ и треба брзо да се излие во калапи. И на овој сапун може да се додадат етерични масла за подобар мирис. Сапунот брзо се стега. За неколку часа може да се сече. Треба да отстои на проветрено место за да изветрее каустичната сода и да се заврши процесот на сапунификација. Варењето го забрзува процесот на испарување на содата. Затоа овој сапун побрзо е спремен за употреба. По две недели сушење на воздух, кога каустичната сода целосно е испарена, сапунот е готов за употреба.

За скратена доза се потребни 50 мл. вода, 100 г. свинска маст и супена лажица жива сода (кристали натриум хидроксид, каустична сода). Свинската маст се растопува. Во посебен сад полека се додава содата во водата, а потоа растопената маст. Се меша половина час додека се добие густа смеса. Готово е кога ќе се стави нож во смесата и кога ќе се извади, масата околу ножот треба веднаш да се стврдни.

Некогаш варениот сапун се излевал во сандак со дупчиња обложен со влажна крпа. Кога ќе се излади и ќе се стврдне, сапунот се одвојува од крпата и се сече со голем нож на парчиња.

Домашниот сапун се облагородува со маслиново и кокосово масло, лаванда, рузмарин, овесни снегулки, јогурт, мед, зрна кафе, кора од портокал, лимон, морков, тиква, ванила, какао и слично. Етеричните масла се капнуваат во смесата во моментот кога уште е топла.

Loading