ТЕАТАРОТ САКА ДА БИДЕ САМОСТОЕН СУБЈЕКТ

Театарот „Војдан Чернодрински“ до Министерството за култура покрена иницијатива да се оддели  од ЦК „Марко Цепенков“, во чиј состав влезе во 2004 година. Иницијативата со потписите од вработените во театарот е испратена во Министерството.

-Нема да запреме, зашто нашата енергија и мотивот нема да нé остават индиферентни, за театарот да биде посебна институција. Прилеп заслужува подобри услови за ансамблот, да нуди поголеми театарски креации. Имаме позитивно мислење од Министерството. Такво барање упатиле уште 5-6 театри во земјава кои уште се во склопот на центрите за култура – посочува в.д директорот на ЦК, Марија Спиркоска – Илијеска.

Има барања и за реновирање на стариот објект и потсетување за градба на нов објект на Театарот во склопот на Домот на културата.

– Покрај идејата за нов објект, треба да се реновира и постојниот. Сегашните услови се повеќе од скромни и речиси невозможни или под нивото претстава да се направи според европските критериуми – додава Спиркоска -Илијеска.

Инаку, идејата за нов театар е во фаза на идејно решение за модерна градба, како продолжение на сегашниот Дом на култура.

Loading