ВУЛГАРИЗМИ

ivce1Вулгарен: груб, навредлив, непристоен, безобразен. Вака го објаснува во својот реченик Зозе Мургоски зборот ,,вулгарен,,. И така е. За ваквите нешта и за други јазични грешки и недоследности, многупати сме рекле дека ретко, многу ретко, спомнуваме имиња на личности. Го правиме тоа во исклучителни случаи.

Вулгарностите на телевизиите, во весниците, на театарските сцени и воопшто на сите јавни места се крајно непожелни нешта. Грозно е кога на театарска сцена ќе се чујат зборови кои човек се срами да ги изговори на улица. Некогаш се јавува тоа како неопходност, но чувството за мера секогаш треба да биде присутно.

Рековме дека досега ретко сме спомнувале имиња, а сега ќе ги спомнуваме. Сме биле и секогаш сме против вулгарностите, а сега ќе спомнуваме и такви зборови какви што сме ги слушнале од одредени личности.

Поранешен градоначалник на Скопје – Трифун Костовски. Гостин во ТВ емисија. Меѓудругото, зборува и за споменикот ,,Воин на коњ,,. Не му се допаѓа естетската визуелизација. Вели: ,,Вака, ќе му ги гледаме мадињата на Букефал,,. Можеше да го каже тоа и на попристоен начин.

Поранешен главен уредник на весникот ,,Вечер,, – Драган Павловиќ – Латас. Преку една статија во својот весник (ако се сеќаваме добро како да беше на насловната страница) се пресметува со некои свои непријатели. Меѓудругото, вели дека тие биле ,,дркаџии,,. Иронично им препорачува и понатаму да останат дркаџии и вели: ,,Јас одам да ебам,,. Нека му е на здравје. Но, читателите не бевме особено почестени од неговите сексуални вредности и преокупации.            

Пред подолго време извесен ТВ гледач вели дека откако Бранко Црвенковски ги упропастил фабриките, тој останал без работа. Западнал во голема криза. Се развел и со жената. Вели дека за тоа е виновен Бранко. А Бранко на јавен собир, на плоштад му се обраќа: ,,А бе брат, прашај си ја жената. Да не е некој друг? Јас и да сакам, не можам да стигнам,,. Одвратно! Невкусно, зар не?! Поранешен премиер, поранешен претседател на држава.

Го слушнавме пред некое време и зборот ,,паламудење,,. Секако, тој збор не може да се спореди со претходните, но непристојно е тоа што го слушаме од премиерот, Зоран Заев. Непристојно звучи тоа кога државник на ТВ користи вакви изрази. Можеби како оправдание служи тоа што не го знае точно значењето на зборот ,,паламуди,,. Тој не е наш збор и затоа го нема во нашиве речници. Постои збор со турско потекло ,,паламуд,,, но тоа е морска риба, слична на скушата. Тој збор за таа риба се користи во бугарскиот јазик. Во нашиот Речник (тритомниот) зарегистриран е како ,,паламид,,, а во речникот на Зозе Мургоски е ,,паламида,,. Како и да е, тие зборови во никаков случај не се земени како основа за зборот ,,паламудење,,. Тој збор е земен од српскиот јазик. Со пцости и со навредливи зборови не паѓаме подолу од Србите. Но, ете, позајмуваме. Колку и да не го знаеме буквалното значење на зборот ,,паламуди,, се подразбира дека тој има навредлива содржина. Му се упатува таков израз на човек кој зборува на празно, треси глупости, се служи со простачки работи. Но, јасно е дека тука е во игра српската именка ,,муда,, (мадиња). Се користи таа именка на многу места во српскиот сленг. Имаме и ние такви изрази. За човек со такви карактеристики, човек кој зборува неосновано, зборува глупости, ние би рекле дека ,,драпа мадиња,,. Паламудењето кај нас може да се замени току со ,,драпање мадиња,,. Значењето е горе-долу исто, простачко, вулгарно. Недолично е тоа да се слуша од државник на една земја.

Непристојно е да се слуша кога се напаѓаат политичарите и кога велат – ,,лажеш,,. Но, чувме, ете, и за лаги со опашки. Можеби ќе чуеме некогаш и за лаги со бради.

Драги господа, не драпајте мадиња.

П.С. Извинување, големо извинување, за тоа што овојпат употребуваме вулгаризми против кои секогаш се залагаме.

Loading