„О ТОМ – ПО ТОМ“

ivce1Многу србизми. Без никаква потреба. Нервоза предизвикува кога ги слушаме од врвни интелектуалци, политичари од највисок врв, новинари и кој уште не?!

Кога се случува некој да биде болен или повреден, редовно слушаме дека тој се опоравувал. Тој српски глагол ,,опоравува,, нема и не треба да има место во нашиот јазик. Зошто се употребува тој збор кога имаме наши зборови?! Каква мана му најдоа на нашиот глагол ,,закрепнува,,. Зошто не го користат нашиот збор ,,заздравува,,. Сите, буквално сите, на сите медиуми запнале – опоравува па опоравува. Како еднаш не се сетија да го ,,опорават,, својот однос спрема нашиот јазик, македонскиот, кој ете, ни бил загарантиран.

Еве уште еден збор, уште еден српски глагол кој не им излегува од устата на нашите новинари, политичари, па и обични граѓани. Тие, обичните граѓани, учат од оние другите, од ,,кремот,,  на општеството. Кога слушаме или кога гледаме пренос од некој спортски настан, се случува некој играч да се повреди и да го напушти теренот. Ќе ни каже коментаторот дека сега ќе се поремети сета концепција што ја правел тренерот. Тој не вели дека ќе се наруши концепцијата. Тој го користи српскиот глагол ,,поремети,,. Можеби ќе изрази и надеж дека повредата не е посериозна и односниот играч брзо ќе се ,,опорави,, и ќе се врати на теренот. Погледнете драги наши и во речниците. Тие се за тоа, а не само да го собираат правот во нашите витрини.

До кога ќе слушаме, не само од одредени новинари, туку и претставници од судсвото, од обвинителството, да велат ,,Републички судски совет,, ,,Републичко јавно обвинителство,,. У ште не сфатија дека именката Република и придавката републички го објаснуваат само општественото уредување на некоја земја, па така и на нашата. Сигурни сме, на пример, дека во Кралството Холандија не пишува ,,Кралски судски совет,,. Господа судии, обвинители, новинари, тоа се државни органи, а не републички. Одамна помина времето кога државата беше Југославија, и институциите беа државни или сојузни, а постоеја шест републики чии органи тогаш беа ,,Републички,,,.

Висок политичар, од највисокиот врв, ја напаѓа спротивната страна. Вели: ,,Во вашето време демократијата беше само мисловна именка,,.  МИСЛОВНА! Господине, не е МИСЛОВНА, туку МИСЛЕНА. Ако била демократијата мисловна, вие всушност ги фалите, а не ги кудите. Демократијата била резултат на мисловен процес, резултат на нешто мисловно, осмислено. А изразот МИСЛЕНА ИМЕНКА упатува на некој апстрактен поим, на нешто невидливо и неопипливо. Фигуративно, тоа значи неостварена идеја, а вие токму тоа сакавте да го кажите.

Уште еден случај од највисоките врвови. Зборува господинот за проблемот кој треба да се реши брзо, а за другото – ,,О том – по том,,. Ух! Не се може без воздишка. Дали да се смее човек, дали иронично да вика БРАВО или да се замисли, длабоко да се замисли. Можеби последново е најсоодветното нешто.

Се сеќаваме на една реплика од пиеса на Островски. Еден од ликовите вели: ,,Да, ние одиме некаде, нас не водат некаде, но ниту ние знаеме каде одиме, ниту тие што не водат,,.

Незнаењето и неправилното практикување на својот јазик е голема болест на едно општество. Ќе се ,,опоравиме,, ли некогаш?

Loading