„ГЛЕМБАЕВИ“ – НЕ СЕ РЕАЛНОСТ, ТУКУ ФИКЦИЈА

Утревечер – премиера

Premiera na Glembaevi

Дел од ансамблот на театарот вечерва претпремиерно, а утревечер (сабота) премиерно ќе ја изведе претставата ,,Глембаеви,, според драмата од Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец.

Глембаеви не само што се најцелосниот, па со тоа – по некоја класична логика – и најдобар драмски текст на Крлежа, туку и неговата трајна актуелност вчудоневидува, иако неговата историзација, дури и со елементи на фантастика, би можела да даде уште повртоглави резултати. Изворно, Глембаеви зборуваат за пропаѓањето на една голема капиталистичка фамилија. За тоа колку тешко настанала големината на фамилијата, како со лукавство се одржувала и како перверзно пропаднала. За денешнава тајкунизација, која владее со сите транзициски простори од Балтикот до Солун, темата, се чини, е клучна за храбриот влез во вибрирањето на театарската современост и непобитна актуелност.

-Глембаеви се некој вид на рендген на бесчувствителноста, која ни исклучоците на своите правила не успева да ги пресади во бавчата на разумот, туку ги потпикнува, покрај тврдите корења на далечните нејаснотии и матните почетоци. Во таа смисла ликот на Леоне, синот на стариот Глембај, е двојно и неподносливо распната фигура меѓу вината на Едип и правдата на Робин Худ. Стариот Глембај е трансфигурација на сеприсутните нововековни тајкуни. Со оглед на тоа, Глембаеви се, ако сакаме, критика на нововековната тајкунска чудовишност, но критичар на таа чудовишност, ама баш никако не може да се пронајде во корпусот на таа драма. Напротив, Крлежа порачува дека ни критиката, со нејзините вешти критичари (кои веруваат во онаа Жувеова среќа на новиот ден), ама баш никако не може да се заснова ниту надвор од нејзиниот свет, односно во стварноста. Стратегијата на критичноста не може да се заснова на крлежијанското матно. Куќа не се гради врз тињата на тоа матно. Може само што побрзо да се признае дека метежот и матнината се мрачни, какви-такви, темели на нашата ослободеност за и пред проблемот. Единствен позитивен лик е човекот со најкраток фитил и загледаност, клерикот Зилбербрант. Оној кој мисли е во опасност и во дофат на матното. Така е тоа со актуелизацијата на оваа драма, но историзацијата на фантастичните прилагодби, кои Крлежа со заборавот на Легендите ги припитомува и ги притајува во драмата, би можела да биде многу поинтересна и поделотворна. Глембаеви едноставно не се реалност, туку фикција, евентуално равенство со компоненти на стварност, но со резултанти на фикција. Или обратно, како што сугерира Гавела, тврдејќи дека глембаевските ликови никогаш не се обидуваат да ја сокријат својата литературна провиниенција – посочува режисерот Брезовец.

Играат  Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Трајче Иваноски, Игор Трпчески и Ана Митоска – Стојаноска.

Автор на музиката е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез, костимографијата на Сузана Брезовец, а драматуршката обработка на Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

Ова е трета премиера на театарот годинава.

Инаку на 7 октомври оваа претстава, само надополнета со хрватски актери, потворно ќе биде премиерно изведена. Тоа ќе биде копродукциски проект кој ќе се игра на меѓународна сцена.

Loading