БОРБИ ПРОТИВ СКОПЈАНИ И КУМАНОВКИ

Ракомет: Стартуваат Прилеп и Деспина

-В сабота се ракометарите, неколку дена подоцна и ракометарките

Prilep

Поминаа подготовките и следи официјалниот дел од натпреварите – есенската полуетапа. Екипата Прилеп, по пет суперлигашки сезони, ќе настапува ранг подолу, во Првата лига. Во рамките на подготовките беа одиграни пет пријателски меча, два со Тиквеш, по еден со Алушовски, Металург и Вардар Неготино. Младиот играчки кадар, подновен со шестмина Дукоски и Пајкоски од Струга, Кузманов и Ташев од Вардар Неготино, Ѓорѓиев од Делчево, Попов од Штип, цели да напредува постепено – чекор по чекор. Првиот ривал, в сабота (18.30 часот) во ,,Ричко,,, е Јуниор КВ од Скопје.

-Противникот, чиј тренер е Благојче Весиќ, е квалитетен. Тоа се гледа  од претходните три години  на постојана борба за влез во Супер лигата. Ние не сме доволно уиграни. Сепак се надеваме на победа. Првиот натпревар и евентуалниот успех, многу би значел за натамошниот тек од првенството – вели Андријано Котевски, тренер на Прилеп.

Викендов стартува и Женската лига, каде член е екипата Деспина. Тимот на Страшо Илиески одработи долготрајни подготовки, со еден, добиен, пријателски меч против Пелистер. Првиот противник во првенството е Куманово, тим освојувач на Купот и вицешампион. Во Прилеп ќе дојде како голем фаворит поради квалитетот, против домашната ослабена екипа без Гичева, М. Камческа и Димитрова. Натпреварот е одложен на барање на кумановките и, веројатно, ќе се одигра нареднава недела.

-Куманово е уште посилен, со уште 4 нови доведени со тренерот Симе Симевски, актуелен селектор. Тимотпретендира првпат да стане шампион и да учествува во женската регионална лига СЕХА. Значи, имаме многу силен противник и наша задача е да дадеме што посилен отпор – рече тренерот Илиески.

Машката Прва лига има 10, а Женската 14 екипи.                                                                                                 

Loading