УТРИНСКА ТРЕСКА

ivce1Ќе почнеме со две несмасни реченици што ги слушнавме од некоја наша телевизија. Првата е: ,,Сеад Кочан утрово го добил решението,,. Втората: ,,Северна Кореја утрово лансираше две ракети од среден дострел,,. Навидум, се е во ред, нели? Но, не е така. Вестите ги слушавме доцна навечер. Е, ако е навечер, ако презентерката не информира во вечерни вести, не може да вели, или поточно, не треба да вели – ,,утрово,,. Да го земеме за пример архаичниот збор – ,,сабајле,,, во таков случај презентерката (или кој и да е друг) нема да рече – ,,Сеад Кочан сабајлево добил решение,,. Рековме вестите ги слушавме доцна навечер. Логично е да се рече: ,,Сеад Кочан сабајле го добил решението,, (не сабајлево), зашто тоа е далеку. Така може да се рече ако вестите се наутро, сабајлево. Бидејќи зборот ,,сабајле,, веќе го отфрламе како архаизам, неговата замена е – ,,изутрина,,. Во таков случај, (кога се вестите навечер) ќе речеме: ,,Сеад Кочан изутрина го добил решението,, (не изутрината). Така ќе се рече и за Северна Кореја: ,,Северна Кореја изутрина лансираше две ракети од среден дострел,,. Овде се јавува, мошне често, проблем и со глаголот ,,лансираше,, и други такви. Глаголот во таа форма е несвршен, минато несвршено време. А во овој случај, дејството што го изврши Северна Кореа е завршено. Вакви случаи има често при соопштување на некои спортски резултати. Сме слушнале: ,,Вардар го декласираше Металург,, наместо ,,Вардар го декласира Металург,,. Забуната доаѓа оттаму што и во сегашно време, трето лице еднина се вели ,,декласира,,. Тој некого декласира. А истата форма се јавува и во трето лице еднина, минато свршено време: ,,Тој вчера го декласираше,,. Во вакви случаи ќе речеме дека ,,Вардар го декласира Металург,,. Сега, во моментот, дејството уште трае. А истата форма ќе биде и за минато свршено време – ,,Вардар го декласира Металург,,, а не го декласираше.         

Во случајот со лансирањето на корејската ракета, ако создава проблем, а создава, може да се прибегне кон друго решение, друга варијанта, поинаква конструкција. На пример, може: ,,Изутрина Северна Кореја изврши лансирање на две ракети од среден дострел,,. Такви, поинакви конструкции се користат и во други случаи: ,,Вардар успеал да го декласира Металург,, за да се избегне забуната што ја создава глаголот ,,декласираше,,, кој во овој случај покажува дејство кое трае, а не кое е завршено.

Малку комплицирано, зар не? Се трудевме да објасниме, барајќи најсоодветен начин за да можат да го разберат сите. И оние кои не се многу упатени во проблематиката од јазикот. Велиме, малку комплицирано. Не би било така ако оние, од кои го слушаме тоа, бидат малку повнимателни и ако ги пласираат правилно и глаголите од овој вид. За жал, вниманието не е многу големо.

Сакаме да споменеме и еден друг збор. Се појавила кај свињите некаква болест – африканска свинска треска. На нашиве телевизии редовно слушаме ,,грозница,, наместо ,,треска,,. Во Речникот (тритомниот) е одбележам зборот ,,грозница,, но со упатување дека нормата е ,,треска,,. Во други речници го среќаваме зборот ,,грозница,, како литературен збор. Чудно е тоа зошто се форсира овој збор како норма. Сме го сретнале зборот ,,грозница,, и со поинакво значење, со значење на многу грда, грозна жена, нешто како обратно од убавица. Зборот ,,треска,, отсекогаш бил употребуван од нашите луѓе. Се сеќаваме, многу одамна, филмот со српски наслов ,,Златна грозница,, кај нас гласеше ,,Златна треска,,. Зошто во последно време широко му се отвораат вратите на зборот ,,грозница,,? Мислиме дека не е потребно, но веројатно ќе останеме од ретките што мислат така.

Loading