ЈАЗИЧЕН НЕВКУС

ivce1Многу емисии од областа на кулинарството. На сите телевизии. Манџи, рецепти, специјалитети. Што ли не! Можеби и најмногу јазични ,,специјалитети,,. Што ли не сме слушнале? Следиме една таква емисија. Водителка и гости со своите рецепти. Водителката весела, радосна, разиграна, чиниш ќе излета. И нејзината прва реченица: ,,Ние тука во кујна имаме сé,,. Прво – па погрешно. Првата грешка е со прилогот ,,тука,,.  Редовна грешка на сите скопски телевизии. За жал тоа се пренесува и на локалните. Прилогот ,тука,, има (може да има) двојна функција – просторноопределувачка и општоопределувачка. Ако речеме дека сите пратеници се тука, констатираме дека сите се присутни, а не го определуваме просторот каде се. Но ако му речеме на соговорникот кој е малку поодалечен од нас: ,,Внимавај, тука има камен на кој може да се спрепнеш,, тогаш зборот (прилог) ,,тука,, има просторноопределувачка функција. Му се објаснува на соговорникот каде е каменот. Ако е каменот до нас, во  близина, ќе речеме ,,овде,, а не ,,тука,,. Ако е оддалечен повеќе, ќе речеме ,,таму,,. Во скопскиот говор не се прави разлика меѓу овие прилози. Еве и водителката. Таа се наоѓа во самата кујна и наместо да рече ,,овде,, во кујнава, таа вели ,,тука,,. Прави уште една грешка. Вели ,,Тука во кујна имаме сé,,. Именката ,,кујна,, мора да биде членувана. Таа е определена именка. Точно се знае за која кујна станува збор. Значи, наместо – ,,Тука во кујна имаме сé,,. Реченицата треба да гласи ,,Овде во кујнава имаме сé,,. Уште еднаш за прилозите: овде кај мене, тука кај тебе, и таму кај него. За жал, и на Радио Скопје со години се емитува емисија која носи наслов – ,,Тука околу нас,,. Ако е околу нас, ќе биде овде, а не тука. Ете, не се мисли на тоа. Сме разговарале (телефонски) и со една од лекторките во Радио Скопје, но ништо. Таа, некако го премолче тоа.

Да се вратиме во кујната. Има присутни двајца гости (господин и госпоѓа). Водителката ни објаснува што донесле тие за да го приготват својот специјалитет. Таа вели да го подготват, а треба да го приготват. Храна не се подготвува, туку се приготвува. Одиме понатаму. Објаснува веселата водителка дека гостите донесле јаболки, кобасици, нарезак. А гостинката објаснува дека е радосна, што í се укажала можност да присуствува во ваква емисија да ги презентира своите кулинарски вештини. Вели дека ги пратела претходните емисии и дека многу í се допаднале. Еве, уште не можеме да сфатиме дека глаголот ,,прати,, го нема во нашиот јазик, односно тој кај нас има сосема поинакво значење: ,,прати писмо,, ,,прати поздрав,, и така натаму. Во конкретниов случај гостинката треба да каже дека ги следела претходните емисии, а не дека ги пратела. Ајде, на гостинката и можеме да и простиме, но не можеме и на водителката. Таа вели – ,,јаболки,,. Погрешно. Еднинската форма е ,,јаболко,, а множинската ,,јаболка,, а не ,,јаболки,,. Но, кажа таа дека имало и ,, кобасици,,. Ете, заборава дека таа во моментов се обраќа пред широка публика и заборава дека постои литературен јазик. Во тој јазик (и не само во литературниот) тие месни производи се викаат ,,колбаси, а не ,,кобасици,,. Имало во кујната и ,нарезак,,. За овој вид месен производ не сме сигурни дали има изградено точен термин, но ,,нарезак,, никако. Можеби би можело ,,нарезок,,. Велиме, не сме сигурни дали се има изградено точен термин или се уште се лута како со ,,вешалици,,  ,,уштипци,, и слично.

И за крај! Се користел во кујната и нож. Водителката вели: ,,Рачката треба да биде во рака,,. Погрешно. Рачката треба да биде в рака или во раката.

Ете така. Многу емисии од областа на кулинарството, многу јадења, многу рецепти, многу специјалитети. Многу вкусни јадења и голем јазичен невкус. Да му се збурбати на човека.

Loading