ДОМА НА ТРИУМФ, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ СО САСА, ТИКВЕШ ИЛИ БРЕГАЛНИЦА

Фудбал: Победа стартува во Втората лига – Исток

-Целта е опстанок

Pobeda

Утре, сабота (17 ч.) почнува првенството во Втората лига – Исток, каде екипата на Победа на игралиштето кај Могилата се среќава со Саса од Македонска Каменица. Навивачите се во исчекување каков квалитет нуди реконструираниот тим. Побаравме мислење од тренерот Тони Мегленски.

-Многу играчи заминаа. ,,Егзодус,, на штета на клубот, што е недозволиво. Баравме играчи за засилувања. Би ги спомнал: Иванов, Б. Наумовски, Магловски, Вецески, Дунимаглоски, Л. Најдовски… Се потрудивме во последен миг да приклучиме уште неколку во сите линии кои може да се адаптираат, особено ако имаме предвид дека набргу е првенствена пауза. Имаме и доста млади кои потекнуваат од школата на Победа. Тука се и најискусните, Дамевски и Гешоски. Тие можат да помогнат, но товарот да не биде само врз нив – вели Мегленски.  

Некогаш кога се зборуваше за амбициите на Победа немаше дилеми – висок пласман и Европа, а сега? Ова ни оддалеку не е клубот од тие ,,златни,, времиња. Желбите се поскромни во согласност со реалните можности. Не е мала работа пласман околу петтото место. Мора да се постигне тоа да се спаси статусот.

-На ваков ,,егзодус,, и опстанокот е успех. Со екипата бев нешто повеќе од две недели. Вложивме максимум за комплетирање на играчкиот фонд и за тренажниот процес. Научен сум на професионализам. Со соработниците правиме се да го вратиме клубов на вистинскиот пат. Што се однесува до првиот саботен меч со Саса, едно е јасно – Победа со секој противник на домашен терен мора да оди на победа. Истото и со Тиквеш или Брегалница – порачува тренерот.

На Могила Победа најчесто победува. Така беше и последниот пат, на 3 октомври 2018, кога за куп со 4-1 беше совладан Гостивар.

Поддршка од легендите

Кои се пријатели, се гледа во најтешките момент во сегашава ситуација на Победа.

 -Македонските фудбалски величини Седлоски и Несторовски не ја забораваат матичната средина. Се јавуваат, се интересираат за клубот за да помогнат – информира Мегленски.

И тоа се случи: 0-22

Во фудбалот за малите екипи е добро да учествуваат и не е срамота да доживеат високи порази. Но, во вторникот, за купот, се случи еден неверојатен резултат: Ново Црнилиште – Брегалница 0-22! Мала олеснителна околност за поразениот е што мечот се одиграл во Штип. До 14 минута било 0-0, а првото полувреме завршило со 0-6. Сепак, во второто паднале дури 16 гола, просечно по еден во секоја трета минута. Инаку, Ново Црнилиште е член на Третата лига – Центар, каде го освои високото петто место.

 Во врска со купот, во средата Осогово – Победа (1-0).

Loading