СУГАРЕ И УГРИЗ

ivce1Се случува да се најдат грешки и во текстови отпечатени во книги, во списанија, во учебници. Се среќаваат иако како уредници, редактори или лектори се напишани звучни имиња. Можеби тие грешки се случајни. Можеби се направени од незнаење, а може и да се направени од печатарските работници. Како и да е, ги има. Понекогаш и повеќе. Прелистувајќи ја десеттата книга на Марко Цепенков – ,,Македонско народно творештво,, вниманието се задржа, меѓу другото, на два збора. Во одделот ,,Дијалектолошки прилози,, Цепенков одбележува, набројува повеќе зборови и фрази од прилепско.

Ние, во Македонија, често позајмуваме туѓи зборови и тогаш кога треба и тогаш кога не треба. Текстовите на Цепенков се богат извор кој ние малку го користиме. Полесно ни е да позајмиме туѓ збор. Но, да се вратиме на двата збора што ни го свртеја вниманието. За тие (прилепски зборови) има и објаснување за нивното значење. Всушност, тие и не се само прилепски. Тоа се зборовите – ,,угриз,, и ,,сугаре,,.

Во односната книга на Цепенков зборот ,,угриз,, е напишан погрешно – ,,угрич,,. Можеби е тоа само техничка грешка, случајна, но како и да е читателот ќе биде погрешно информиран. Ќе се мисли дека тој збор во Прилеп (ско) ќе гласи токму така – ,,угрич,,. А не е така. Тоа е ,,угриз,,. Објаснението за значењето на зборот што е дадено, е точно. Се вели дека тоа е остаток на слама или сено во јаслите. Нам зборот ,,угриз,, ни е одамна познат. Кога добиците ќе ја изедат сламата или сеното, во јаслите остануваат ситни и речиси, неупотребливи делови. Сме консултирале и повеќемина од прилепскиот крај. Сите велат дека тоа е  ,,угриз,,. Таквата консултација ја правевме мислејќи дека можеби некаде се вика и ,,угрич,, (како што е напишано во книгата), но не е така. Станува збор за грешка која, ете, дезинформира. Цепенков не можел да ја напише така. Нејасно е како дошло до тоа, а јасно е дека не требало така.

Другиот збор што сакаме да го одбележиме е зборот ,,сугаре,,. Најмногу е познат по презимето на нашиот револуционер Ѓорги Сугаре. Таму тоа си е фамилно име (презиме), не знаеме и не мораме да знаеме како е дојдено до тоа. Инаку, зборот ,,сугаре,, е општа именка. Што значи таа? Авторите при објаснувањето на значењето го направиле тоа многу слободно и неточно. Би рекле и доста неодговорно. Според тоа објаснување сугаре било јагне што цица. Но! Да претпоставиме дека извесен сточар би имал сто овци. За десетина дена сите тие ќе се објагнат и ќе има сто јагниња. Ќе значи ли тоа дека сите тие сто јагниња што ќе ги има сточарот ќе бидат сугариња. Не! Не е точно објаснувањето. Јагне – сугаре е јагне кое се објагнило многу подоцна од другите. Другите се веќе потпораснати, а тоа ќе биде малечко. Тоа ќе цица исто како и другите, но тоа  дошло на свет подоцна, дошло последно.

Зборот ,,сугаре,, не се користи само кај овците. Така се нарекуваат и последните, најмалите деца кај некои повеќедетни семејства. Ако некоја брачна двојка има повеќе деца, последното, најмалото се нарекува сугаре. Затоа зачудува објаснувањето во книгата. Чудно е да се тврди дека зборот ,,сугаре,, означува јагне што цица. За таквото јагне (кое цица) се вели дека е цицалче, а не сугаре. Истиот термин се употребува и за дете кое цица, кое не е одбиено. Од самиот глагол ,,цица,,  е добиена именката ,,цицалче,,.

Значи ЦИЦАЛЧЕ е она јагне (дете) што уште цица. А СУГАРЕ е она кое се родило последно, со задоцнување.

Loading