ПОВТОРНО ЗА ЧЛЕНОТ

ivce1Никогаш не сме можеле да претпоставиме дека испуштањето на членот ќе ни биде редовна тема. Но, тоа го наметнува лошата практика. Тоа е лоша карактеристика за скопскиот говор. Уште полошо е што тоа се калеми и врз литературниот јазик. И другпат сме рекле дека тоа станува загрижувачка појава која незапирливо расте. Чудно е што тоа никому не му пречи. Никој не обраќа внимание. Мислиме на новинарите, лекторите, оние кои треба да бидат први што треба да ги забележат тие грешки. Напротив, тие ги форсираат. Еве, најново. Решила Владата да враќа дел од ДДВ. И насекаде, на сите телевизии, во сите политички изјави, слушаме, ја слушаме синтагмата – ,,Мој ДДВ,,. Никој, ама баш никој, не размислува дека тоа е погрешно. Дека тука е неопходен членот. Дека тоа треба да гласи – ,,Мојот ДДВ,,. Ако веќе се дошло до тоа да се враќа на потрошувачите дел од ДДВ и да се нарече така, тогаш присвојната заменка треба да биде членувана, да гласи – ,,Мојот,, (определено), а не ,,Мој,,. А колку такви нешта слушаме? Кога одиме кај лекар специјалист, се зацврсти изразот ,,Мој термин,,. Тоа е ,,Мојот термин,,, определено е, а не воопшто – ,,Мој термин,,. Кога гледаме вести, на сите телевизии, кога ќе завршат новостите од нашата држава следуваат вести од светот. И како најава на тие вести, на екраните читаме – ,,Свет,,. И тука е испуштен членот. Најдобро е да гласи ,,Од светот,,, па ете, може и само ,,Светот,,. Именката е определена и неопходно е да биде членувана. Истата грешка се повторува и кога се најавува прогнозата за времето. Читаме на екранот – ,,Време,,. И тука е испуштен членот. Емисијата на Васко Ефтов предизвикува големо внимание. А како се вика емисијата? Знаеме, нели? Емисијата носи наслов – ,,Во центар,,. Зошто не е ,,Во центарот,,, како што треба? Станува збор за определени настани, проблеми, случувања, а емисијата навлегува во центарот на тие нешта. Значи се навлегува во суштината, во центарот на сите нешта, а не онака површно и периферно. Латинската поговорка гласи – ,,Ин медиас рес,, – ,,Во центарот на работите,,, а не ,,Во центар на работите,,. Штета! Долго време се емитува оваа емисија, гледаноста е голема, но никој (па ни самиот автор) не се сетил да ја поправи оваа грешка и емисијата да гласи, да си го добие точното име – ,,Во центарот,,. Неодамна слушнавме најава на една наша телевизија дека ќе се емитувала емисија – ,,Ваш став,. Зошто не како што треба – ,,Вашиот став,,? Постојат многу вакви пропусти. Сме чуле и сме прочитале на екраните – ,,Твој став – твое право,,. ,,Твојот став – твое право,, значи дека ти имаш право да си го браниш својот став.

Редовна е појавата кога слушаме реченици – ,,Големите и средни претпријатија,,. Зошто не се размислува? Зар не е јасно дека од ова произлегува, оти големите претпријатија се истовремено и средни? Ова го слушаме редовно, особено од политичарите. Треба да се рече – ,,Големите и средните претпријатија,,. Значи тоа нешто се однесува и на едните (големите) и на другите (средните). Станува збор за два вида претпријатија, големи и средни. А вака, големите и средни претпријатија, не се разбира дека станува збор за два вида туку дека големите се и средни.

Актуелна е ситуацијата со охридскиот регион. Се заканува опасност Охрид да биде прогласен од УНЕСКО како загрозено подрачје. Ако се случи ова, штетата ќе биде голема. Слушаме разни искажувања, мислења, барања начини како да се спречи тоа. При една расправа ја слушнавме следнава реченица: ,,Заштита на природното и културно наследство,,. Истата грешка. Па зар не е јасно дека природното наследство не е истовремено и културно? Тоа се два поима. Членот треба да биде употребен и на придавката ,,културно,,. Значи – ,,Заштита на природното и на културното наследство,,. Природното е едно, а културното е друго.                                                                                                                                          

Loading