ПЕЈО ГО ПОРАЗИ „ГОРНИОТ“

Пејо Итроманецот не беше лишен од својство што се вика ум. Дури имаше и на други да даде. Даваше, како што знаеше. Но, една година пред Пеја излезе една работа, која многу го загрижи. Не беше лесно да се реши  замрсената работа, зашто не беше од лујџе. Се вплетка ,,горниот,,, во кого Пејо малку веруваше, ама сепак зависеше.

Како мариовец, кој живее близу до големата борова гора, направи  мала бичкичка за штици бичење на селското поточе. Не беше некаква фабрика со гатери, бичкиџии, циркулари и други машини какви шо ги има сега по Мариово. Проста бичкица на вода, со една линџа. Му беше доста да не тегне со плешките цел ден, да бичи, а пак да не сработи ни десетти дел од бичкијата на водата. Арна му беше работичката. Излезе поумен од сите мариовци, кршоборци шо тегнат цели недели двајца здола еден згора и не бичеа цел месец толку штици колку пејовата бичкија шо бичеше за еден ден. Водата течеше, а Пејо седеше крај тезгето и управуваше.

Арно ама, се замеша ,,горниот, во пејовата работа, и тоа против Пеја. Му завиде, изгледа, што му оди добро работата, а Пејо не однесе ни една ока масло в црква за благодарност. Затоа ,,горниот,, две години ја стегна раката. Не пушти капка вода цело лето. А со тоа Пеја сосем го запре. Водата од поточето секна, та бичкијата цело лето не тргна ни една врвца да избичи.

Така Пејо не сврши работа преку летото. Преку зимата мразот го попречИ и остана без леб. Земаше заем, се заборчуваше две години да ги прехрани децата. Но, долговите се враќаат и треба да се живее. Третата зима Пејо размислуваше како да му дојде доак на овој негов прв непријател.

-Да го натерам сосила да врне. Не можам, како што не можам да го натерам да не врне – си рече.

-Да го молам, којзнае дали ќе ми ја прими молбата. Не сум само јас. Можеби повеќе има што молат да не врни. Молбата не е сигурна работа. Некој друг марифет да му најдам, да не може да ми мрда – си мислеше.

Мисли, крои, шета… Но, не попусто го носи името Пејо Итроманецот. Се сети.

-Че ми те сошијам годинава – си рече едно утро во Ѓурѓовден, гледајќи го небото оклештено, јасно како го плаши и годинава.

Смисли, нешто, на шо на ретко кому му текнува и му иди на ум.

-Годинава, че фатам две работи – си рече

-Че бичам штици, ако врне, и че правам керамиди, ако не врне. Така направи. Штом че заврнеше ја пушташе бичкијата и со лезет си бичеше штички, ги продаваше и земаше добри парички. Тогаш од тезгата викаше, гледајќи ги црните облаци,: ,,Ајде, турај колку сакаш, ама, че ми бичи бичкијава,,.

Кога се оклештуваше времето со недели да не врне и сонцето да пече, правеше керамиди и пак му викаше на ,,горниот,, – ,,Печи, печи,  напечи се и ти, и керамиткиве че се испечат,,.

Така Пејо му дојде доак и на ,,горниот,, без да му се моли, крсти или придава масло, темјан и други подароци како што прават селаните, чии молби и придавачки не можат да им поможат. Затоа секогаш велеше, ,,акл треба и мотика, а не молитва,,.

Loading