ПАК ЗА ИМЕНКАТА „ОДЛУКА“ (ОДЛАКА)

ivce1Да! Повторно за тоа. Српски збор е „одлука“. Тоа кај нас е „одлака“. Српскиот глагол е ,,одлучити,, (излучити). Кај нас тоа е ,,одлачи,,. Да се одлачи, да се излачи најбитното. Но, кај нас , ете, не се развила именката “одлака” од глаголот ,,одлачува,,, (излачува). Во почетокот на ФНРЈ нашите лингвисти сметаа дека е поедноставно да се позајми српската именка ,,одлука,,, отколку да се оди по литературен пат и да се создава именка ,,одлака,,. Не се имало потреба за такво нешто, но кога се јавила таа потреба се постапува на таков начин, се позајмила српската именка. Точно е тоа. За неа немаме ни морфолошка ни фонетска пречка. И така таа влезе во нашиот јазик. Но, другите деривати, глаголот ,,одлучува,,, придавката ,,одлучен,, не се ни потребни ни пожелни. Нашиве луѓе, во последно време редовно ги употребуваат, без да го знаат нивниот корен, па дури и нивното значење. Во народниот говор не се среќавале и не се среќаваат тие форми. Тие се форсираат сега, од определени ,,интелектуалци,,.
Се сеќаваат повозрасните на песната:
,,Уз Маршала Тита
Јуначкога сина
Пошли смо у одлучни бој!,,
Ние сега ја ,,помакедончуваме,, придавката “одлучни” и велиме ,,одлучен,,. Но, ние, кои го паметиме тоа одамнешно време, се сеќаваме и на една друга песна. Се пееше таа во училиштата, на разни приредби и свечености:
,,Решителен јас ќе одам,
Да загинам мајко во крвав бој,,.
Како што гледаме, во песната се вели ,,решителен,, а не ,,одлучен,,. Тогаш, во тоа време, именката (српска) ,,одлука,, и другите деривати не беа на мода.
А за што го пишуваме ова? Слушнавме дека на Криволак ќе се одржувала воена вежба. Покрај нашите воени единици, ќе учествувале и други, од повеќе земји членки на НАТО. Вежбата ќе носела наслов – ,,Одлучен удар,,. Ете, и сегашниот кум ја зел придавката ,,одлучни,, се разбира со извесно ,,помакедончување,,. Таа сигурно е преведена и на јазиците од другите земји кои учествуваат на вежбата. Но, ете, нека знаат дека на македонски таа ќе гласи – ,,Одлучен удар,,. Придавката ,,одлучен,, и глаголот ,,одлучува,, упорно влегуваат во нашиот јазик. Ние пак, галантно им отстапуваме место. Се прашуваме, зошто односната воена вежба да не се вика, да не носи наслов – ,,Решителен удар,,? Ајде, во определено време, во определени услови сме ја позајмиле именката ,,одлука,,, зошто сега и другите зборови со тој корен ги пуштаме во нашиот јазик? Рековме дека од глаголот ,,лачИ,, (излачува) во нашиот јазик не се формирала именка ,,одлака,,. Но сме пишувале и порано, дека на народот кога му затребала се нашла таква именка. Во многу мали места, овците се чуваат здружени, на едно место. Во есента секој треба да си ги земе своите. И така овците се лачат. Тој ден луѓето си го викаат ,,Разлака,,. Значи тогаш се разлачуваат овците. Секој си ги зема своите. Но, нашите лингвисти, во тие стари времиња не ја зеле именката ,,одлака,, (или некоја друга), туку ја позајмиле српската – ,,одлука,,. Но, ние забораваме (или не знаеме) дека е позајмена само именката и ништо повеќе. Затоа, името на воената вежба е погрешно. Таа може да биде – ,,Решителен удар,,. Може да биде и ,,Решавачки удар,,. Не знаеме точно на што се мисли и каков ќе биде карактерот на вежбата. Ако биде ,,решителен,, значи дека тој напад ќе биде многу смел, непоколеблив, со силна намера и желба да се издвојува победа. Да се успее во намерата. Веројатно се мисли на овие нешта кога веќе вежбата добила назив ,,Решителен удар,,, односно, како што го нарекле – ,,Одлучен удар,,. Може да биде и – ,,Решавачки удар,,. Тука значењето би било малку поинакво. Од таквиот евентуален напад би зависел натамошниот развој на настаните. Би зависел крајниот резултат. Тука работата е ммили-или,,. Или ќе се победи или ќе се загуби. Затоа се вика ,,решавачки,,. Тогаш се донесува крајното решение.
Ова го пишуваме за да го разлачиме значењето на овие зборови. Во конкретниов момент, најверојатно се однесува на – РЕШИТЕЛЕН УДАР. Велиме – РЕШИТЕЛЕН, а не ОДЛУЧЕН.

Loading