ПРИЛЕП ГО ВРАТИ ЧОВЕКОТ СО КОЈ ИЗЛЕЗЕ ВО ЕВРОПА

РАКОМЕТ: Александар Мариновски пак е претседател

-Како пред осум години се рестартира клубот и сите школи

RK Prilep

Машкиот ракометен клуб, РК Прилеп, беше во надолна линија минатата сезона. Последица е отпаѓањето од Супер лигата. По ова, низ градот имаше оправдан страв од целосно згаснување, како што се случи меѓу 2010 и 2012 година. Но, оптимизмот се јави со веста дека  во клубот како претседател се враќа Александар Мариновски. Тој е човекот кој по двегодишната апстиненција го обнови клубот, го врати во Супер лигата, дури достигна и европски настап во 2016 година.

-Почнуваме од Прва лига одново, со наши млади сили, со надеж за што поскоро враќање во елитното друштво. Немаме искусни играчи да помогнат во оваа ситуација. Затоа работиме со младите. Како пред осум години, го рестартираме клубот и сите школи, истите школи каде овие првотимци – кадети беа државни прваци – вели Мариновски.

Важно е што финансиската ситуација е значително подобрена со ваучерот од АМС и РФМ, вреден 109 илјади евра, што се смета за добра основа за финансирање на клубот. Се очекува и поддршка од Општината со овозможување сала за тренинзи и натпревари, најверојатно салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. Претстои консолидација во врска со играчкиот кадар, каде дел од тие кадети – младинци се заминати, а тренерот Андријано Котевски извесно е дека ќе добие поддршка од неколку колеги за работа во клубот, односно школите.

-Целта не е само да се вратиме, ако веднаш потоа отпаднеме. Нема брзање. Постепено да создаваме екипа што ќе може да стигне и до плеј-офот – истакнува Мариновски.

Испразнето суперлигашко место?

Има шпекулации дека е можно да дојде до фузирање на два суперлигаша или до откажување на некој клуб. Во таа ситуација логично би било испразнетото место да биде пополнето со тимот кој последен отпадна (преку бараж) од Супер лигата.

-Ако ни понудат, немаме наши играчи и буџетот би го потрошиле за таа намена. Ако добиеме шанса, добро ќе размислиме – порачува Мариновски.

Loading