ДИМИТАР ДИМИТРИОСКИ – ЧЛЕН НА ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОН

Тешко достижно е некој прилепчанец да заигра за европски шампион во популарните спортови: фудбал, ракомет, кошарка… Во минатото се сеќаваме на кошаркарот Петар Наумоски, кој од 1989 до 1991 го носеше дресот на трикратниот европски првак Југопластика од Сплит. Сега, на наше задоволство, младиот сограѓанин Димитар Димитриоски (21) потпиша договор за пристапување во Вардар, двократниот европски шампион. Претходно пет години успешно играше за Металург, каде тренер е татко му Оливер. Пред еден месец двајцата се радуваа на сензацијата што ја направија во финалето од купот на Македонија, кога со 33-32 триумфираа токму над Вардар. Димитриоски има искуство од настапите во СЕХА и во Лигата на шампионите. Во лигата СЕХА постигна 58 гола, а во Лигата на шампионите додаде 16. Со своите настапи го привлече вниманието и е веќе во А репрезентацијата на Македонија. Игра на левата крилна позиција, каде што е и Русинот Дибиров. Веста за преминот во Вардар ја пренесоа и странски медиуми.

Loading