РАЗЛИЧНА ТЕАТАРСКА ЕСТЕТИКА

pirej mtf

МТФ ,,Војдан Чернодрински, што утре ќе го оконча 54 -тото издание, понуди богата и различна театарска естетика. Утре напладне  ќе бидат познати добитниците на наградите, а затворањето е со доделувањето на наградите и изведбата на претставата ,,Силјан Штркот Шанца,, од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанкијевиќ на МНТ.

Пред последната претстава во конкуренција, ,,Странци,, во режија на Нела Витошевиќ на Драмскиот театар од Скопје, се оценува дека ансаблите работат инвентивно наоткривање на нови театарски креации и можности. Седумте претстави избрани од уметничкиот директор Катерина Коцевска, пренесоа различни теми во современа изведба, што значи дека доста се истражувало и се следеле модерните текови.

Посетителите годинава беа дел од жирито и го даваа гласот за најимпресивната претстава, бидејќи се востанови награда од публиката, која утревечер ќе ја додели градоначалникот Илија Јованоски.

Спеицифично е што годинава се вратија разговорите на тркалезната маса, на кои се дебатира за квалитетот на претставата, за режисерската идеја, за играта на актерите… Љубителите на театарот ја оценија позитивно можноста да се чуе квалификацијата на публиката, но и на учесниците за претставите. Позитивни критики доби ,,Пиреј,, од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот ,,Војдан Чернодрински,,.

На трибината ,,Ова е наше време, време за театар,,, театрологот  д-р Ана Стојановска посочи дека е моќно и пресудно што на МТФ се отвори алтернацијата јавно да се говори за нивото на македонскиот театар. Според неа, театарот, правен низ годините, е проследуван и има своја вредност.

-Главниот проблем е што нема однос кон наследството и традицијата – рече Стојаноска.

За новинарот Сотир Трајков пречки на театарот се партизацијата и политиката во културата. Борче Грозданов жали што нема домашните автори и домашната драматургија на фестивалот. Лилјана Богојевиќ, од Хрватскиот народен театар од Вараждин, оцени дека во Македонија има добар театар. За драмскиот писател Митко Бојаџиски, пишувањето без став е е бесмислено и нема квалитет во драмата.

Во намера театарски да ги воспитува и образова најмалите, МТФ ја донесе детската претстава ,,Том Соер,, на Театарот за деца и младинци од Скопје.

Loading