ТЕШКО Е, ОТИ ПОБЕДА РЕТКО ОТПАЃА: 1988, 2014 И – СЕГА!

Фудбал: Што по мачната сезона?

-Надеж за силен второлигаш и за убав стадион

Stadion so pokriv

 

Заврши една од најмачните сезони во поновата историја на Победа. Тоа е заклучокот ако се разгледаат првенствата во последниве триесетина години. Повозрасните се сеќаваат на 1988 година и отпаѓањето од Втората југословенска лига за еден бод, а оттогаш наваму се случи сезоната 2013/14 и отпаѓањето од Втората лига на РМ, кога маалскиот тим Корзо беше над неа.

Првенствово беше по нешто поспецифично поради очекувањата врз основа на ветувањата. Очекувањата беа за исчекорување напред на организациски план, според европски модел, така што во една од наредните сезони да се избори пласман на европската сцена. Никој не помислуваше за опстанок, а камоли за отпаѓање. Ветувањата во тоа време имаа некаква основа. Оттука и солидниот почеток на прволигашката есен. Во еден период изгледаше дека Победа е подготвена да се бори дури и за третото место на табелата, веднаш по Шкендија и Вардар.

Што се случи? Најдобро знаат тие што се внатре во клубот: Управата, Стручниот штаб, фудбалерите… Се случи пад или сезона за борбата за спас. Можеби во еден пролетен период беше извлечен максимум од силите, беше вложен напор да се дојде барем до бараж. По сензационалната победа над Работнички (1-2), клучен беше наредниот дуел со Силекс (0-1), по кој имаше и жалби на судењето. Ако се победеше, се наѕираше опстанок, а вака се закопаа сите шанси и се чекаше крајот. Човек да не ја погледне табелата: дури 21 бод помалку од Силекс, екипа што обезбеди бараж и уште не е спасена! Гол-разлика 26-76!

Брзо мора да се реагира. Стадионот да се оспособи да не биде веќе хендикеп, ами предност. Клубот да ги задржи најдобрите играчи и да се доведат засилувања. Раните можат да се залечат само ако летото в година се прослави враќањето во Првата лига.

Турнир

Нешто убаво најавуваат од ФК Големо Коњари. Клубот организира турнир ,,Духовден,, од 5 до 16 јуни. Се очекува учество на голем број екипи од Прилеп и околината. Турнирот слави 10 години постоење.

Loading