ДЕСПИНА ШЕСТА, ПРИЛЕП 11-ТИ

Ракомет: Познати пласманите на прилепските екипи

За машкиот тим претстои бараж

Despina

Не е готово првенството во Женската лига. Но за екипата Деспина е сосема завршено, иако претстои уште едно коло. Нешто порано од вообичаениот термин, во четвртокот, се одигра најзначаниот меч во плеј-аут групата со Спартак од Скопје. Прилепчанките во салата ,,Ричко,, беа по вторпат подобри од ривалот и победија со 26-24. Можеше да биде и поубедливо, со оглед на водството од 7 гола разлика, но малку падна играта во финишот. Најефикасна, како многупати претходно, беше пивотот М. Камческа со 7 гола, а придонес дадоа: Цветкоска со 4, Е. Рипилоска, Крстевска, Димитрова и Филипоска со по 3, А. Камческа со 2 и Л. Рипилоска со 1. Иако во последното коло Деспина е слободна, бидејќи има недостижна предност на табелата, отсега се знае конечниот пласман – првото место во плеј-аут групата, односно шестото на вкупната табела.

Табела: Деспина 37, Гевгелија 33, Спартак 31, Цемс 12, О. Поле 0.

Уште две кола има во плеј-аут групата од Супер лигата за мажи. И двете се формалност за екипата Прилеп, затоа што не можат да ја помрднат на табелата, ни горе ни долу. Викендов е гостувањето кај Вардар јуниор во Скопје, а последното коло го носи дуелот дома со Радовиш. Натпреварите се како порачани за подготовка за баражот. Гарантиран е тој дуел со оглед на извесното 5-то место во плеј-аутот, односно 11-то ако се гледа на вкупната табела. Од лигата директно отпаѓа само Борец, кој на последниот меч во Прилеп беше совладан со 33-22. Најефикасни: Свртинов и В. Трајкоски со по 6, Павлов со 5 гола.

Табела: Охрид 51, Струга 46, Вардар ј. 27, Радовиш 21, Прилеп 16, Борец 0.

Loading