ТЕМНИОТ ВОКАЛ

ivce1Од поодамна има размислувања на поединци дека со нашата азбука нешто не е во ред. Дека треба нешто да се менува или да се дополнува. Најмногу се однесуваат на мекото ,,љ,, односно на неговиот гласеж и на темниот вокал, големиот ,,ер,, (Ъ) или поточно на неговото испуштање. Не би се согласиле со ваквите размислувања. Не дека тие немаат никаква основа, туку поради тоа што таа работа е, речиси, невозможна. Сега, по толку години, би рекле, и непотребно. Ако треба да се стори нешто (а треба) тоа е да се објаснува правилниот изговор уште од првите училишни денови. Па и подоцна. За мекото ,,љ,, сме се изјаснувале и порано. Сега само накратко. Нашите лингвисти го зеле знакот за мекото ,,љ,, исто како во српскиот јазик. Бидејќи влијанието од српскиот јазик е навистина големо, нашиве луѓе тој глас почнаа и свикнаа да го изговоруваат толку меко како во српскиот јазик, односно помеко отколку што е тоа потребно. Треба да се знае дека знакот за ,,љ,, треба да звучи исто како за ,,л,, кога ќе се најде во мека позиција, односно кога ќе се најде пред ,,и,, пред ,,е,, и пред ,,ј,,: ЛИЛЕ, КОЛЕ, ГАЈЛЕ. Проблем се јавува кај нашиве луѓе кога треба да се напише или да се изговори, на пример, името – КОЉО. Тие го изговараат меко како во српскиот јазик и се добива – КОЛЈО. Тоа треба да се пишува КОЉО, но мекото ,,љ,, да се изговара исто толку меко како во – ПИЛЕ, ТЕЛЕ и слично. Гледаме редовно и слушаме на ТВ кога ќе има потреба од овие зборови се прават големи грешки во изговорот. Па дури и во прекрасната македонска песна ,,Не си го продавај Кољо чифликот,, се прави истата грешка и звучи мошне лошо. Тоа си е убаво напишано во самиот текст, но тие што го читаат, односно што го пеат го изговараат погрешно. Накусо! Буквата ,,љ,, во нашиот јазик не е толку мека како во српскиот.

Нешто за темниот вокал – ,,Ъ,,. Тој се среќава во нашиот јазик. Како буква го нема во азбуката, а кога ќе се појави таква потреба тој се одбележува со апостроф (‘). Ќе приведеме што пишува во Правописот: ,,Апострофот се пишува да покаже дека, поради една или друга причина, отпаднал од зборот некој глас. Со апостроф се предава и темниот вокал што се среќава во некои дијалектни зборови: – П’НО, Ж’ТО, В’ЦИ. И слоговното ,,р, во почетокот на зборот се обележува со апостроф пред него: ”’‘РЖ, ‘РЃА, ‘РСКОТ.

Имавме можност да го прочитаме по ТВ презимето – ВЧКОВА. Го сретнавме така напишано и во неделникот ,,Зенит,,. Кога би го прочитале ова презиме точно така како што е напишано, речиси ништо не би значело. Треба да се напише – В’ЧКОВА, а не ВЧКОВА. Создава забуна овој темен вокал. Сме биле сведок кога луѓето не знаат што да прават, како да постапат, како да напишат. Сме слушале и реакции зошто да го нема овој вокал во нашата азбука. Дури и, донекаде, сме се согласувале со тоа. Блаже Конески вели дека се работи за такви локализми кои постојат во некои наши говори, во кои како посебен глас постои темниот вокал. Но, во литературниот јазик е битно ограничен, за него и нема посебна буква во азбуката. Темниот вокал не влегува во гласовниот систем на литературниот јазик еднакво со други вокали.

Така вели Блаже Конески. Беспредметно е сега да се спори и да се размислува за некаква измена. Темниот вокал го има во некој и не толку мал регион. Селата отаде Плетвар, цело Мариово, целиот Тиквеш, не е толку мал регион. А таму го има тој темен вокал. Но, така е тоа, така е нормирано. Сега е потребно, единствено потребно, да им се објаснува на луѓето начинот на пишувањето во таквите зборови. Не може сега да се менува азбуката, да се внесува нов вокал. Но не може и не смее да среќаваме онакви грешки од типот на – ВЧКОВА. Луѓето, на кои перото им е алат во работата, треба да го знаат тоа – В’ЧКОВА, В’ЧКО, а не ВЧКОВА и ВЧКО.

Благоја Ивчески

Loading